Нов проект за пат од мостот на Сува Река до македонско-грчката граница
Општина Гевгелија, преку Центарот за развој на
Југоисточниот плански регион, аплицираше за изработка на техничка документација преку проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“на УНДП. Една од главните цели на овој проект е да се дефинира, воспостави и да се управува со Фондот за техничка документација што ќе ги обезбеди финансиските ресурси што им се потребни на општините за да ги завршат неопходните подготвителни работи за изработка на проекти со коишто можат да конкурираат за фондови од ЕУ.
Изработка на техничка документација, односно Инфраструктурен и Основен проект за сообраќајница од крајот на ул. „Борис Кидрич”, до граница со Р.Грција, е од приоритетно значење за Општина Гевгелија имајќи предвид дека проектот за оваа улица е застарен и нефункционален. Со новиот проект се предвидува предметна улица со должина од 1.211 метри и ширина од 9 метри, како и пешачки тротоари по 3 метри од двете страни на сообраќајницата или вкупно 15 метри.Предлогот е прифатен од страна на Југоисточниот плански регион, кој аплицира на вториот повик на УНДП за изработка на документација за три патни правци, кои се од посебно значење за локалниот економски развој на регионот.
Со проект за изградба на илица од мостот на Сува река до македонско-грчката граница всушност ќе се обезбедат услови за поврзување на Гевгелија со државната граница со Република Грција. Како што е познато, Општина Гевгелија заедно со прекуграничната општина Пеонија, во соседна Грција, покренаа иницијатива за отворање на регионален граничен премин кај Сеово (Идомени) за локален патнички сообраќај. Ваквата иницијатива е актуелизирана за време на пандемијата од Коронавирусот, како и потребата од воспоставување на еден ваков малограничен проток за граѓаните од едната и другата страна на границата. Изградбата на мостот на Сува река со финансиски средства од ЕУ беше реализирана во функција на ваквата иницијатива. За нејзино инфраструктурно профункционирање е неопходна изградба на патот од мостот на Сува река до самата гранична линија.