За три месеци - локализирани 29 пожари во регионот
Во текот на месеците април, мај и јуни
ТППЕ-Гевгелија локализирала 29 пожари на териториите на општините Гевгелија, Богданци и Дојран, која оваа единица ги покрива. На подрачјето на Општина Гевгелија биле локализирани 21 пожар, и тоа, дури 13 на градското подрачје од Гевгелија. Другите 8 пожари биле локализирани на територијата на Општина Богданци.
Зголемениот број на пожари во градското подрачје на Гевгелија е карактеристиката на оваа пролетна сезона на пожари во овој регион. Но, факт е дека и сите појавени пожари биле брзо локализирани, како резултат на брзите интервенции од страна на ТППЕ-Гевгелија. На тој начин и предизвиканата материјална штета е минимална. Имено, во ова тримесечие од 29 локализирани пожари 15 биле на отворено, а 6 на објекти. Притоа, била причинета материјална штета од само 26.000 денари.
ТППЕ-Гевгелија продолжува со засилената превентивна контрола за заштита од пожари во оваа летна сезона. Пред се, засилената контрола се спроведува на потенцијалните жаришта, како што се дивите депонии, стрништа и одделни јавни површини. Што се однесува до шумите, со кои стопанисува ЈП ШС ПЕ„Кожув“, исто така, контролата е засилена. Истовремено, се апелира до граѓаните внимателно да се однесуваат при престојот во шума, а земјоделците да не ги потпалуваат стрништата. Последните врнежи значително придонесоа да се намали опасноста од пожари на затревените простори.