Се бетонира улицата „Христо Узунов„ во Гевгелија
Во Гевгелија се бетонира улицата „Христо Узунов“,
која се наоѓа во северозападниот дел од градот. На оваа улица, по подолго време, беше поставена канализација и на тој начин беше комунално уредена. Изминативе денови изведбените работи продолжија со тампонирање на улицата и поставување ивичници, а во тек е бетонирањето на целата површина. Улицата е долга 300 метри, а е со површина од 1.200 метри квадратни, додека изведувач на работите е гевгелиската фирма „Обнова Инжинеринг“, која го доби тендерот за одржување на локалните улици.
-Со бетонирањето на улицата „Христо Узунов“ продолжуваме со акцијата за изградба и уредување на преостанатите градски улици, согласно Програмата за локални патишта и улици во општина Гевгелија во 2020 година. Станува збор за целосна изградба на оваа улица, со што ќе им се овозможи на граѓаните кои живеат на оваа и соседните улици квалитетна сообраќајна комуникација. Покрај изградбата на нови улици, летово беше извршена целосна реконструкција на една од главните сообраќајници во јужниот дел на градот – улицата „Илија Миов“. Продолжуваме и со другите активности за подобрување на локалната патна инфраструктура во општината. По поставувањето на бекатон на една помала улица во Богородица, со уредувањето на помали сокаци и тротоари со бекатон продолжуваме во Миравци и во другите делови од општината, најавува градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков, нагласувајќи дека летово немаше никаков прекин во изведбените работи, а така ќе биде и наесен.