„Смоквијада 2020„: Слаткото од смокви ќе се вари во домашните дворови
Традиционалната, 14-та по ред манифестација ,,Смоквијада 2020“
нема да биде одложена поради пандемијата на Коронавирусот. Фестивалот на смоквата, кој стана гевгелиски бренд, годинава ќе се одржи онлајн. Според организаторите од граѓанското здружение „Тера“ од Гевгелија варењето на слатко од зрели питоми смокви, кое претставува вистински гевгелиски деликатес, наместо на Градскиот стадион во Гевгелија, ќе се одржи по дома. Пријавените учесници за варење на слаткото, тоа ќе го прават во домашни услови, односно во своите дворови.
ЗГ„Тера“ ги повика кандидатите за учество на „Смоквијада 2020“ од целиот регион да се пријават,а пријавувањето ќе трае до 27 август. Според програмата на годинашната „Смоквијада“ во услови на пандемија, слаткото од смокви по дворовите ќе се приготвува на 5 септември,а победниците ќе бидат прогласени на 6 септември во центарот на Гевгелија.
-За време на варењето на слаткото ќе бидат спроведени сите мерки и препораки за превенција и заштита од ширење на корона вирусот кои се предвидени со протоколот за начинот и условите за организирање и одржување на настани, велат во „Тера“ и се надеваат дека и овој пат интересот за учество во оваа „слатка“ манифестација. Само што ќе изостане завршниот концерт, кога, само да потсетиме, минатата година на Градскиот стадион во Гевгелија настапи балканската група „Хара Мата Хари“.