Повеќето родители во општина Гевгелија се изјаснија за настава со физичко присуство на децата
Во сите основни училишта и
средноучилишниот центар во Општина Гевгелија, во тек се подготовките околу новата учебна година во услови на пандемија од Корона вирусот, но и за условите за организирање на наставата согласно Нацрт-протоколите доставени од Министерството за обрзование.
- За таа цел, на состанокот што го имав со директорите на училиштата беше опстојно анализирана состојбата и условите во нашата општина. Притоа, сметам дека треба да се има предвид епидемиолошката карта која не е иста во секоја општина, изјави градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, по состанокот со директорите на училиштата.
- Во сите основни училишта во општината постојат просторни услови за организирање на наставата со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение, согласно доставените протоколи за основно и за средно образование. Исто така, постојат можности за организирање на наставата со физичко присуство и за другите ученици во основните училишта, како и во СОУ „Јосиф Јосифовски“. Се разбира, со одредени забелешки кои беа дадени од директорите околу просторните услови, вели градоначалникот Поцков.
- Во сите училишта беа спроведени анкети за родителите, од кои 70% се изјаснија за физичко присуство на учениците на наставата. Доколку се применува концептот за организирање на настава од прво до трето одделение со физичко присуство секако ќе се почитува волјата на родителите кои се определиле за онлајн настава, објаснува градоначалникот Сашо Поцков. Притоа, информираше дека Општинскиот штаб за спасување и кризи на почетокот од наредната недела ќе расправа по Нацрт-протоколите и ќе го даде своето мислење.
Инаку, во сите основни училишта во општина Гевгелија завршија тековните инвестициони активности реализирани со заштедените средства од блок-дотациите. Во ООУ „Владо Кантарџиев“ е поставена нова ограда и уреден дворниот простор, во подрачното училиште на ООУ „Крсте Мисирков“ во Моин е саниран покривот, а санација на покривот е извршена и на училиштниот објект во ООУ „Ристо Шуклев“. Покрај овие редовни инвестициони зафати, во пресрет на новата учебна година, чиј почеток според Поцков очигледно ќе доцни, многу позначајно е да се организира наставата и да се обезбеди заштита на здравјето на децата.