Регионалните КОВИД- центри готови до крајот на октомври
Гевгелија е еден од 16-те градови
во земјата, каде што ќе биде отворен Регионален Ковид-19 центар, за чии потреби веќе е утврден минималниот дополнителен капацитет за прием и тријажа на Kовид-пациенти со стационар. Согласно потребите и предвидувањата, во Општата болница во Гевгелија утврден е модел на дополнителен капацитет од 13-15 болнички легла, распоредени во два вида на болнички соби кои се разликуваат по тежината на клиничката слика на пациентите. Просториите во монтажните модули кои ќе зафаќаат површина од 417 метри квадратни, ќе бидат комплетно уредени и опремени, ги информираше на денешната седница членовите на Советот на Општина Гевгелија директорот на Општата болница во Гевгелија, Митко Крџев.
Во минималниот дополнителен капацитет за прием и тријажа на Ковид-пациенти со стационар, ќе биде сместена и лабораторија за ПВР молекуларно тестирање. Според критериумите дополнителните монтажни капацитети на Регионалните Ковид-19 центри треба да бидат поставени на локација која е во непосредна близина или во самиот двор на конвенционалната болничка инфраструктура. Затоа, и Ковид-19 центарот во Гевгелија ќе биде поставен на дел од паркинг-просторот на северната страна од Општата болница, односно кај Брзата помош. Притоа, Крџев нагласи дека ќе биде обезбедена целосна здравствена безбедност не само на пациентите, туку и на целата околина, одговарајќи на поставените прашања околу локацијата на центарот.
Истовремено, директорот на Општата болница во Гевгелија изрази задоволство што монтажната болница нема да биде демонтирана, туку искористена за други намени на гевгелиската болница, каде што недостасуваат одредени капацитети. Имено, Општата болница во Гевгелија нема соодветно опремено Инфективно одделение, а капацитетот на тријажниот центар со стационар опфаќа чекална, просторија за прием, тријажен оддел со две места, просторија за мали интервенции и РТГ снимање и тоалети за пациенти, како и посебен дел каде што ќе бидат сместени лекарските простории, тоалети и гардеробери.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, информираше дека целиот проект околу Регионалните Ковид-19 центри е финансиран од Светската банка. Во тек е постапката за увид на експерти од Светската банка и од Министерството за здравство на потребната техничка документација. Според најавите од Министерството за здравство поставувањето на монтажните модули треба да заврши до крајот на октомври. Од Општината, односно од јавните комунални претпријатија е побарано да бидат обезбедени приклучоци за потребната комунална инфраструктура, рече Поцков.