1512 казни за неносење заштитна опрема во општина Гевгелија
Според Извештајот на СВР-Струмица
за вториот квартал, одосно во периодот од 1 мај до 21 август, 2020 година, во општина Гевгелија се евидентирани 1512 прекршоци на лица кои постапиле спротивно на уредбата на Владата на РСМ за носење заштитна опрема. Според статистиката, во однос на другите општини кои ги покрива СВР- Струмица, најголемиот број од прекршоците се однесуваат на граѓаните на општина Гевгелија.
Иако на почетокот кога беше донесена уредбата, граѓаните добиваа опомена, од 1 мај МВР започнаа со казнување на граѓаните кои постапуваат спротивно на донесената мерка за заштита и спречување на ширењето на Корона вирусот. Казната е во висина од 20 евра, а доколку се плати во рок од 7 дена, висината на казната опаѓа за 50%, односно 10 евра. Казната се изрекува на секое физичко лице кое не носи заштитна опрема во затворени простории, како: маркeти, банки, пошти, здравствени институции и сл.
Од МВР и Министерството за здравство апелираат до граѓаните да ја почитуваат оваа мерка како една од основните мерки која го намалува ризикот од ширењето на Корона вирусот.