Одржан „БОШ 12G“
Одржан „12 Бош” фестивал на визуелна,
перформативна и музичка нормалност во организација на ЗЛУКТ „Арт еквилибриум“. Фестивалот во чест на прерано починатиот актер и поет Бошко Бозаџиев траеше 2 дена со богата програма. Активностите на 4 септември се одржаа пред и во Народниот театар, а на 5 на Градското ракометно игралиште.
Првиот ден, пред и во Народниот театар присутните имаа можност да слушнат изворна народна музика, да ги погледнат изложбите на Ангел Миов и Иван Ивановски, како и мултимедијалниот перформанс (музика, текст, слика) СловоКулт:: литерАРТура:: Биенале на современи уметности, со книжевен перформанс, групна изложба и мини концерт, под заеднички наслов „План Б за планетата Х или план Х за планетата А“, со стихови на Исток Улчар, како и други поети од Македонија а преку стриминг публиката можеше да чуе и германска поезија.
Вториот ден, на просторот на ракометното игралиште „Партизан“ започна со изработка на муралот на Вангел Срнаков „Враќање на современиот човек во сивилото на цивилизацијата“, а паралелно се одвиваше саемот на регионалното независно издаваштво, изложби на Илијана Такашманова, Емилија Мишева и Јован Јосифовски. Вечерта заврши со концертите на групите „Филч“ и „Искра“, пуштање музика од ди-џеј и ви-џеј сетови на Ишџан Твин и Видео Подгорец.
- Овој пат фестивалот се случи во радикално поинакви, но есенцијално важни услови за безусловно да се испрати порака дека е неопходно да се продолжи слободно да се твори, да се создава, разменува, прифаќа и обединува. За новата генерација, новите мерки и новата нормала БОШ. Посветен на прерано починатиот поет и актер Бошко Бозаџиевски, останува фестивал за современа уметност кој секој мора да го посети неколкупати, БОШ е фестивал каде што публиката и авторите заемно разменуваат искуства, размисли, емоции, во еден непосреден, социјален контекст. Фестивал кшто ја застапува урбаната култура со цел да се пренесе современата независна уметност како визуелна, перформативна и музика нормалност на територијата во Гевгелија, истакнаа организаторите.