Неопходни се поконкретни мерки за ублажување од последиците од пандемијата со КОВИД-19
По средбата на претставниците на
бизнис-заедницата и услужните дејности во Гевгелија, заменик претседателот на Владата на РСМ Фатмир Битиќи, министерот за здравство Венко Филипче и градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков, дадоа изјави за јавноста.
- Во низата разговори кои што ги направивме изминативе 10 дена со стопанските комори и другите чинители во општеството за полесно справување со последиците од пандемијата КОВИД-19, бевме во Гевгелија, директно ги слушнавме забелешките од страна на стопанствениците за проблемите со кои тие се соочуваат. Искрено, мислам дека само со еден ваков отворен дијалог помеѓу сите чинители, ќе се најде правиот рецепт за надминување на економската криза, која што, за жал, причинител не е човечки фактор во прашање, туку здравствен проблем. Ние раговаравме за специфичностите на Гевгелија и сме на добар пат заедно со компаниите да најдеме добар економски пакет, а тоа е четвртиот економски пакет за справување на кризата кој ќе одговори на нивните потреби, т.е. колку-толку да се ублажат последиците од економската криза што ја опфати Македонија. Веќе интензивно се работи на подготвувањето на економскиот пакет и сметам дека до крајот на наредната недела пакетот ќе биде предложен на усвојување до Собранието на Република Северна Македонија, истакна вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
- Здравствените протоколи станаа составен дел од работењето на сите економски оператори. Овој регион, односно во Гевгелија има специфика затоа што огромен дел од сегментите, посебно во приватното здравство, пред се, во делот на стоматологијата, зависи од функционирањето на протокот на луѓе низ границата. На средбата разговаравме за начинот на којшто се имплементираат протоколите и за проблемите кои се создаваат во време на целокупниот овој процес. Зеднички се согласивме дека треба да се надгради делот од лабараторискиот капацитет во Општата болница во Гевгелија, поточно апарат за брзо тестирање од Корона вирус кој се очекува до крајот на оваа недела да го добиеме, а ќе биде чекор напред кон олеснување на протокот на граѓани од Грција.Во континуирана комуникација сме со претставници од грчкото Министерство за здравство и разговараме за можните решенија, не само сега, туку и во наредниот период, бидејќи вирусот ќе биде присутен до крајот на оваа и почетокот на наредната година. Очигледно дека вирусот нема да исчезне, а ние мораме да научиме да функционираме и штитиме од него. Тоа значи дека со отворени граници треба да градиме заеднички здравствени политики, истакна министерот за здравство, Венко Филипче.
- Им се заблагодарувам на вицепремиерот за економски прашања Битиќи и министерот за здравство Филипче што само после 9 дена од составувањето на новата Влада ја прифатија мојата покана за средба со бизнисмените по нивно барање! На средбата беше констатирано дека бизнисмените заедно со локалната и централната власт се бориме против единствениот непријател КОВИД-19 и Корона-кризата за ублажување на последиците и за подобрување на локалниот економски развој, поготово во Општина Гевгелија, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.