Новоизградениот фекален колектор во Моин ќе биде вклучен во канализациониот систем на Општина Гевгелија
Новоизградениот фекален колектор со прoчистителна станица во Моин,
по предавањето во употреба, наскоро ќе биде вклучен во канализационите систем на Општина Гевгелија. Поточно, ќе биде предаден на ЈПКД „Комуналец“, кое Jавно претпријатие стопанисува со целиот канализационен систем во општината. На тој начин ќе се создадат сите услови за непречено функционирање на системот, но и утврдување на обврските за корисниците.
Вредноста на овој значаен канализационен систем за Моин изнесуваше 7.173.223 денари, од кои 2.450.615 денари беа обезбедени од Бирото за регионален развој и Министерствотото за локална самоуправа, додека поголемиот дел од средствата беа обезбедени од Општинскиот буџет. Имено, Општина Гевгелија со овој проект аплицираше на објавениот јавен повик, по што беше распишан тендер и за најповолен изведувач беше Друштвото за производство и промет на големо и мало ТУРБОИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје.
Со проектот беа реализирани, односно изградени: армирано-бетонска шахта со решетка, армиран бетонски таложник, армиран бетонски егализационен базен и армирано-бетонско постолје за контејнерот со биореакторот. Исто така, беа инсталирани и канализациони цевководни врски од последната изведена канализациона шахта до прoчистителната станица и од прoчистителната станица до испустот во реципиентот Конска Река.