Oпштина Гевгелија дел од проектот „Ослободи го умот од корупција“
Вчера, Општина Гевгелија беше домаќин на презентацијата
на проектот „Ослободи го умот од корупција, ХЕПИ ХИПО ШОУ“ од ЗГ „Театар Боеми“- Скопје. Во соработка со Домот на културата „Македонија“- Гевгелија, промоцијата на проектот се одржа во Големата сала на Народниот театар со почитување на протоколите за организирање настани. На промоцијата на проектот учествуваа претставници на локалните институции, здруженијата на граѓани и млади.
Промоцијата на проектот се одржа преку интерактивна театарска претстава со две сцени кои обработуваат дејство со темата на проектот, корупцијата, во која активно учество со дебата зедоа и гостите претставници. Потоа следеше кратка презентација од страна на раководителот на проектот, Нелко Нелковски, преку која ја истакна целта на проектот, а тоа е развојот на позитивните вредности во општеството.
- Самиот проект дава можност за организирање соодветна и т.н. мрежа за развој, каде активни членови ќе бидат и претставници од Делчево, што ќе отвори перспектива за мобилизирање на сите позитивни вредности за развој на општината и, воопшто, на општеството, истакна Нелковски.
На крајот од презентацијата, во рамките на земјиштето со кој располага Народниот театар, во просторот позади старата автобуска станица, беше засадено дрвце јавор со кое се одбележи имплементацијата на проектот, а во иднина околу него ќе бидат поставени сценско плато и клупа за седење. Во рамките на проектот, надворешната површина околу Театарот ќе добие мало камерно место за организирање настани во природа. Во ноември, ќе биде формиран Локален совет од претставници кои ќе делуваат како локално тело на проектот.
Во проектот учествуваат 30 општини од државата, со по 70 претставника од секој град. Инаку, проектот е поддржан од Министерството за локална самоуправа на РСМ, Претседателот на државата, Парламентот, Владата, сите релевантни Министерства и Амбасадата на САД во земјава.