За стапката на невработеност во Општина Гевгелија поради КОВИД-пандемијата
Појавата на пандемијата што ја предизвика Корона вирусот,
некаде на средината на март, придонесе во општина Гевгелија да се зголеми бројот на невработени лица. Од март до август, Агенцијата за вработување- ПЕ Гевгелија евидентирала 761 невработено лице, од кои 400 се жени, а 361 мажи. За зголемување на стапката на невработеност придонесоа отпуштањата на вработени во приватниот сектор поради падот на економијата и затвореноста на границите која го спречи проток на јужните соседи и нивното партиципирање во општината.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, во интервју за eмисијата „Vis a vis”, за ТВ „ВИС“- Струмица истакна:
- Затвореноста на границата предизвика проблем во услужниот сектор и казината поради што многу вработени во тој сектор останаа без работа. Затоа, очекувам новиот пакет мерки на Владата на РСМ да придонесе за ублажување на последиците. Ние како општина ќе настојуваме и натаму да им помагаме на компаниите, истакна Поцков.
Општината им излезе во пресрет на фирмите со намалената комунална такса за фирмарина од 6000 на 4000 ден., намалување на данокот што го плаќаат занаетчиите и намалување на цената за користење на јавната површина.