Јакнењето на јавната свест за зелените површини е обврска на сите
Во Гевгелија, денес, пристигна зелениот карван на ЦИВИЛ
преку работилницата „Зелените доаѓаат“ која е дел од проектот што ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Фондацијата „Хајнрих Бел.“
- Целта на проектот е да се обезбеди поддршка, застапување и јакнење на јавната свест за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот. Гевгелија е место со висока јавна свест и се наоѓа на нашата еколошка мапа поради еколошката правда за која се залага. И тоа, не само кога е во прашање заштитата на животната средина бидејќи еколошката правда е нешто повеќе, а во Гевгелија тоа се манифестираше преку јасното спротивставување на граѓаните и експертите за отворање на рудници, погони за преработка на комунален отпад, но и настојувањата за обезбедување на достоинствен живот за граѓаните, истакна претседателот на ЦИВИЛ Џабир М. Дерала образлагајќи ја целта на работилницата.
Во воведниот збор градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, ги изнесе гевгелиските искуствата околу подршката, застапувањето и јакнењето на јавната свест за зелените вредности и социјалната правда:
- Во општина Гевгелија, моја и заедничка определба, е општината да има оддржлив економско-еколошки развој. За остварување на ваквата определба придонесе реализацијата на неколку капитални проекти. Пред се, изградбата на новата Прoчистителна станица кај Сува Река, со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој, нашата и Владата на Грција. Секако, и новата Времена депонија за комунален отпад, чија изградба со јапонски грант, беше наметната од мигрантската криза и зголемените количества на комунален отпад. За нејзино профункционирање неопходна е ревитализација на Старата депонија и нејзино уредување во зелена површина. Сите овие капитални проекти придонесоа за задржување на брендот на општина Гевгелија како еко-општина. По барање на граѓанските организации, а заради присуството на арсен во водата и за обезбедување на квалитетна вода за пиење, беше изграден нов водоснабдителен систем. Ваквата развојна политика и ориентација на Општина Гевгелија, ја поддржа и мнозинството граѓани во општината кои преку Референдум се изјаснија за „зелена“ општина Гевгелија, односно против отворањето на рудници за металични суровини. Но, и против отворањето на производни погони за комунален отпад, рече Поцков нагласувајќи дека јакнењето на јавната свест е посебно значајна, а секако и социјалната правда.
- Општина Гевгелија на разни начини настојува да помогне во остварувањето на социјалните права на сите граѓани, барем во рамките на надлежностите на локалната самоуправа. Почнувајќи од правото на работа, па се до остварувањето на правото на пристоен живот. Како што знаете, надлежностите на локалната самоуправа за вработување се ограничени поради што настојуваме ваквото право да го остварат најранливите категории на граѓани преку проектите, како што е Општокорисна работа, во соработка со домашните и меѓународните институции. Многу поголема е поддршката што ја остваруваме преку Програмата за социјална заштита на ранливите категории на граѓани и, тоа, преку сет-мерки, субвенции и друга финансиска поддршка, рече Сашо Поцков.
Претседателот на Советот на Општина Гевгелија, Тодор Ристов, се осврна на активностите што ги реализира Советот на Општина Гевгелија, а по иницијатива на граѓанските организации, на заштита на животната средина. Во прв ред, кога станува збор за отворањето рудници за металични суровини за што мнозинството на граѓани се изјаснија на референдум против, но и натамошните одлуки на Советот за неодобрување на новите барања за истражување. Јакнењето на јавната свест за зелените вредности продолжи и со неприфаќањето на иницијативата за отворање на производен погон за рециклиран комунален отпад увезен од Италија, по организираната јавна расправа која беше потврдена и од Советот на Општината, нагласи Ристов.
Според Џабир М. Дерала, зелените вредности не е само комуналната хигиена, туку мнопгу покомплексно прашање, односно обезбедувањето на достоен живот за секој граѓанин. За тоа не се одговорни само локалните и државните власти, туку сите граѓани, организирани преку разни организации и заедници да придонесат за подобар и подостоен живот. Затоа и трансформацијата на општеството во корист на сите претставува зелена вредност, но не само заради етничкиот баланс, туку многу пошироко, нагласи Дерала.