Тениските игралишта дадени под закуп на тенискиот клуб „Круна“
Советот на Општина Гевгелија на својата 50 седница донесе
одлука за давање под закуп за времено користење и стопанисување на тениските игралишта во Спортско-рекреативниот центар кај поранешна Касарна на тенискиот клуб „Круна“ од Гевгелија. Имено, овој тениски клуб поднесе барање до Општина Гевгелија за користење на тениските игралишта, изградени со грант од Агенцијата за млади и спорт, а во сопственост на Општина Гевгелија, за тренинг на рекреативци-љубители на тенисот и натпреварувачи. Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, одговарајќи на изнесените дилеми, различни предлози и барањата за поголема транспарентност од страна на советниците, нагласи дека за предлогот за давање под закуп на тениските игралишта на тенискиот клуб придонеле две причини.
- Неможноста на ЈПКД „Комуналец“ да се грижи и да ги одржува игралиштата, но и да ги организира спортските активности. Поради тоа терените пропаѓаат, а неорганизираното користење за спорт и рекреација предизвикува проблеми. Досегашните искуства околу давањето под закуп на спортските терени преку јавен повик не дадоа поконкретни резултати, пред се, поради незаинтересираноста на потенцијалните закупувачи. Затоа и Градскиот стадион и другите спортски терени во општината им се дадени на користење на општинските спортски клубови и здруженија кои ги користат за своите, но и другите спортски активности, преземајќи ја обврската за нивно одржување, рече Поцков, констатирајќи дека ваквата практика досега дала резултати.
Начинот, условите и времето на користење на тениските игралишта од страна на закупецот ќе бидат предвидени со договорот што ќе биде потпишан.
Советот на Општината ја прифати иницијативата за воспоставување на меѓуопштинска соработка за реашавање на проблемот со линискиот автобуски превоз меѓу општините: Дојран, Богданци и Гевгелија. Овие oпштински центри, иако подолго време беа поврзани со локален линиски јавен превоз, тој воопшто не функционира. Така што граѓаните од Дојран кои имаат потреби, не се во можност да стигнат во Гевгелија. Затоа, од страна на Градоначалникот и Советот на Општина Дојран беше покрената иницијатива за воспоставување на меѓуопштинска соработка за решавање на овој проблем. За таа цел ќе биде формирано заедничко меѓуопштинско тело кое треба да иницира решение и воспоставување на јавен линиски превоз.
На денешната седница Советот на Општината даде согласност на дополнителниот Годишен план за вработување во ЈОУ Дом на култура „Македонија„ – Гевгелија за 2021 година, а расправаше и за: Годишниот извештај за работата на СОУ „Јосиф Јосифовски“ во учебната 2019/2020 година, Годишната Програма за работа на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија за учебната 2020/2021 година и Финанскиот план, како и формирање на паралелки со помал број ученици во идната учебна година во ова училиште. Исто така, советниците расправаа за Извештајот и Програмата за работа во ЈОУДГ „Детска Радост“, а донесоа и повеќе одлуки од делокругот на своиоте надлежности.