Започнуваат со работа Дневните центри за лица со попреченост
Владата на Република Северна Македонија,
на својата редовна 7 седница, го разгледа и усвои Записникот од Четвртиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на КОВИД-19, одржан на 28 септември, 2020 година, и врз основа на заклучоците и препораките на Комисијата за заразни болести ги донесе следните одлуки и протоколи:
Одобрена е организацијата на продолжен престој на учениците во основните училишта за одделенијата кои ќе започнат настава со физичко присуство, со препорака продолжениот престој да се организира и реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија.
Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести да отпочнат со работа Дневните центри за лица со попреченост со стриктно почитување на мерките и веќе усвоениот протоколот за работа на дневните центри во услови на епидемија со КОВИД-19.
На предлог на Комисијата, Владата го усвои предложениот протокол и препорача отпочнување со организација за снимање со долгометражни филмови, со почитување на мерките за спречување на ширење на КОВИД-19 инфекција.
На седницата е усвоен и протоколот за работа на игротеките во услови на епидемија со КОВИД-19 и препорача строго почитување на мерките за спречување на ширење на КОВИД-19 инфекцијата и усвоениот протокол при вршење на дејноста. Одговорноста за целосно спроведување на одредбите од протоколот е обврска на вршителите на дејноста.