Поцков: „Наставата со физичко присуство и онлајн се реализира без поголеми проблеми“
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, денес
го посети ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, каде што учениците од прво до трето одделение ја следат наставата со физичко присуство, а учениците од погорните одделенија следат онлајн-настава. Исто така, Поцков беше информиран од директорот Михаил Петров и стручната служба за моменталната состојба на училиштето и реализацијата на наставата со физичко присуство и онлајн. По средбата градоначалникот Сашо Поцков изјави:
- Десеттина дена по почетокот на новата учебна година, во сите пет основни училишта во Општина Гевгелија, наставата со физичко присуство од прво до петто одделение ја следат без поголеми проблеми скоро сите пријавени ученици. Исто така, и учениците од прво до петто одделение во седумте подрачни училишта, како и во Основното училиште „Климент Охридски“ во Миравци, каде што е одобрено настава со физичко присуство и за учениците од четврто и петто одделение.
При денешната посета на Основното училиште „Крсте Мисирков“ можев да се уверам дека наставата со физичко присуство се одвива согласно пропишаните протоколи. Ист е случајот и во другите училишта, каде што доследно се применуваат и мерките за заштита од Корона вирусот, како и хигиенските мерки. Наставните часови се временски разделени, а наставниците според распоредите непречено ја изведуваат наставата. Исто така, учениците во погорните одделенија наставата ја следат онлајн, има помали технички проблеми, од страна на наставниците, кои се во постојан контакт со учениците, тековно и заеднички ги надминуваат.
Во Средноучилишниот центар „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, исто така, наставата се реализира онлајн и пројавените технички проблеми тековно се решаваат. Заради подобрување на онлајн-наставата во сите училишта и за подобрување на комуникацијата, во тек е тендерската постапка за набавка на компјутери. Со тоа значително ќе бидат подобрени условите за онлајн настава.
Се надевам дека и понатаму наставата во сите основни и средното училиште во општината ќе се одвива без проблеми, било здравствени или технички. Поддеднакво за ученици кои наставата ја следат со физичко присуство или онлајн. Во оваа прилика, сакам да ги повикам наставниците и професорите да продолжат со својата образовна функција, согласно, наметнатите услови од пандемијата, а учениците и нивните родители доследно да ги почитуваат заштитните мерки. Тоа е во интерес, пред се, на децата, но и на сите нас, истакна градоначалникот Поцков.
Во врска со моменталната ситуација и реализирањето настава во ООУ„Крсте Мисирков“, директорот Петров истакна:
- Засега, реализирањето настава во училиштето се одвива без некои поголеми проблеми. Учениците од прво до трето одделение кои следат настава со физичко присуство најсериозно ги сфатија протоколите за организирање настава и доследно се придржуваат на мерките за заштита од КОВИД-19. Во врска со онлајн-наставата, успешно се надминуваат техничките проблеми, така што оценката за реализацијата на наставата ги задоволува критериумите кои ги наметна Корона-пандемијата.