Успешно спроведена еко-акција на Општина Гевгелија
Денеска, Општина Гевгелија, во соработка со ЈПКД „Комуналец“
спроведе еко-акција на неколку локации во градот, по повод Меѓународниот ден за намалување на уништување на природата.
Со помош на службите од ЈПКД „Комуналец“ и учеството на претставници од локалните институции и граѓани кои доброволно се приклучија на еко-акцијата, се расчистија потезите на улиците: „Владо Кантарџиев“, „Борис Кидриќ“ и „Маршал Тито“. Се расчистуваше и просторот позади Главната пошта, кај поранешното диско „Банго“, просторот околу Автобуската и Железничката станица и старото училиште „Владо Кантарџиев“.
- Со оваа акција и со акциите кои ќе ги организираме во наредниот период, имаме за цел да ја подигнеме свеста кај граѓаните на општина Гевгелија дека само од нас, од сите граѓани, зависи зачувувањето на животната средина и намалувањето на загадувањето, а Гевгелија да ја направиме што почиста и позелена“. Со масовното приклучување на оваа акција ќе ја покажеме нашата одговорност и обврска кон природата. Зелената политика е обврска на Гевгелија, изјави за акцијата градоначалникот Сашо Поцков.
- Ваквите акции се дополнување на редовните и секојдневни активности кои ги презема Комуналното претпријатие во настојувањето за што почиста и позелена Гевгелија. Ако ме прашувате дали граѓаните на општина Гевгелија се грижат за одржување на чистотата и внимателно се однесуваат кон зелените површини во градот и населените места, можам да кажам дека поголемиот дел на граѓаните се со развиена еколошка свест, за разлика од помалиот број на несовесни граѓани кои и покрај секојдневните апели и организирање вакви акции, продолжуваат да ги уништуваат зелените површини и да го расфрлаат отпадот каде ќе стигнат, истакна директорот на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, Златко Зумров.