Ригорозни мерки за непочитување на заштитните мерки
Општинскиот штаб за заштита и спасување на својата денешна седница
ја оцени епидемиолошката слика во Општина Гевгелија како неповолна. Во прв ред, поради зголемениот број на заразени од КOВИД-19 последниве денови, а и првиот регистриран смртен случај во општината. Според раководителот на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, по смртниот случај се зголемил бројот на пријавените лица за тестирање, нагласувајќи дека доколку не се амортизира сегашниот растечки бран на заболени, состојбата уште повеќе ќе се влоши.
Токму поради непочитување на заштитните мерки од страна на ОВР- Гевгелија од почетокот на пандемијата со КОВИД-19 биле регистрирани 2097 прекршоци за неносење на заштитни маски, поради што 1400 прекршители ја платиле паричната казна, а против 600 биле поднесени прекршочни пријави. Само во изминатиот викенд ОВР- Гевгелија открил 85 прекршоци за неносење на заштитни маски.
Директорот на Општата болница –Гевгелија, д-р Митко Крџев, го информираше Општинскиот штаб дека поради непостоењето на Инфективно одделение во болницата, се прават напори за проширување на постојниот пункт за тестирање на влезот од болницата и уредување на Дневен прифатен центар, како и пренамена на едно од постојните болнички одделенија. Притоа, нагласувајќи во овој Дневен центар би се третирале само полесно заболените лица, кои имаат потреба од дневен лекарски третман. Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, ја поддржа иницијативата на Општата болница за проширување на постојниот пункт во Дневен прифатен центар и најави финансиска поддршка за негова што поскора реализација.
Поради влошената епидемиолошка слика, се апелира до граѓаните доследно да ги почитуваат и применуваат мерките на Владата на РСМ и на Министерството за здравство, посебно, кога станува збор за личната заштита и одржувањето на социјална дистанца. Истовремено, да ги одбегнуваат приватните собирања на поголем број луѓе, организирање свадби и одбележување на други приватни забави;
Сите правни субјекти, јавни установи и други објекти доследно да ги применуваат Протоколите за работа и за здравствена заштита и да се организира уште еден состанок со сопствениците на угостителските објекти, на кој ќе им биде укажано за сериозноста на состојбата и потребата од доследна примена на протоколите за работа.
Општинскиот штаб заклучи на Градскиот пазар да се организира пазарниот ден, во четврток, строго според протоколите и заштитните мерки, само на еден влез.
Градската капела да се затвори, а погребите во договор со намесниците на црковните власти да се организираат само на гробиштата. Додека, пак, помените да се организираат во тесен круг на семејствата, за што ќе се разговара и со црковните власти.
Градоначалникот на општина Гевгелија информираше дека во сите основни училишта, каде што наставата се изведува со физичко присуство на учениците доследно се применуваат Протоколите за изведување на наставата во основните училишта, како и протоколите за онлајн настава. Исто така, згрижувањето на децата во детските градинки се одвива строго според донесените Протоколи за работа.
Општинскиот штаб заклучи да продолжи дезинфекцијата на јавните површини, двапати месечно, од страна на ЈПКД „Комуналец“ во соработка со Центар за јавно здравје- ПЕ Гевгелија.
Општинскиот штаб за заштита и спасување заклучи да се преземат ригорозни мерки на примената на здравствените и протоколите за работа. За таа цел, ќе биде засилена контролата на надлежните државни и општински инспекциски служби и други органи. Контролата ќе се одвива според Планот за контрола на примената на заштитните мерки, кој ќе биде изработен во соработка со надлежните државни органи и институции.