Средба на градоначалникот Сашо Поцков со амбасадорот Дејвид Гир
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, денес, оствари средба
со амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ во нашата земја. Притоа, Градоначалникот го информираше амбасадорот, кој од неодамна ја презеде функцијата и престојува во земјава, за активностите и проектите што ги реализира Општина Гевгелија, со цел да се обезбедат европските стандарди и поквалитетни услуги кон граѓаните. Како во поглед на инфраструктурата, така и во поглед на условите за живот.
- Во изминатите десеттина години во општина Гевгелија, со финансиска поддршка од ЕУ успешно се реализирани проекти во вредност од скоро 2 милиони евра, главно, преку програмите за прекугранична соработка со Грција и Бугарија. Токму овие проекти придонесоа да ја зајакнеме и прошириме соработката со пограничните општини во соседна Грција и да обезбедиме не само редовна комуникација на локалните власти, туку и слободен протек на луѓе и капитал преку границата. Тоа беше, а сметам дека и во иднина ќе претставува значаен поттик за добрососедските односи, рече Сашо Поцков.
- Меѓутоа, токму прекинатиот слободен протек на луѓе преку границата, во услови на пандемијата со КОВИД-19 предизвикува големи штети на гевгелиското стопанство поради неговата структуира и зависност од граничниот промет. Во вакви услови, како Општина, направивме напори да ги ублажиме последиците од пандемијата преку целосно намалување на комуналните такси. Но, неопходни се и други мерки. Во моментот, наш приоритет е да обезбедиме средства и услови за доградба на КОВИД-пунктот во кругот на Општата болница, за прием и сместување на заразените од КОВИД-19 со полесни симптоми, нагласи Поцков.
Амбасадорот Дејвид Гир изрази заодоволство што својата прва посета, по преземањето на функцијата во нашата земја, ја остварува во Гевгелија, каде што очигледно се води сметка за заштитата на животната средина. Посебно значајно е сето она што го прави Општина Гевгелија за одржлив локален еколошко-економски развој, за решавање на главните еколошки проблеми, како предуслов за остварување на планираниот економски развој. Ваквиот концепт заслужува внимание и поддршка, како за заштитата на животната средина и економскиот развој, така и за воспоставената соработка меѓу една земја-членка на ЕУ и земја-канидат.
При посетата на Гевгелија, шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, Дејвид Гир го посети и Прифатниот транзитен центар за мигранти „Винојуг“ на македонско-грчката граница.