Обраќање на градоначалникот Сашо Поцков по три години од преземениот мандат
Почитувани сограѓани,
Пред три години на денешен ден, 25 октомври, со ваша поддршка ја презедов градоначалничката функција. Притоа, се соочив со бројни предизвици: на самиот почеток, со наследени 142 милиони денари долг кој целосно го блокираше работењето на Oпштината. За овие три години успеавме најголемиот дел од долгот да го вратиме и да ја стабилизираме финансиската состојба на Oпштината.
Така, во изминатите девет месеци од годинава, наспроти проблемите предизвикани од пандемијата од Ковид-19, реализацијата на буџетските приходи изнесува 62%.
Меѓутоа, третата годишнина од мандатот се случува во период кога се соочуваме, не само ние, туку и целиот свет, со здравствена катаклизма која целосно ни го промени животот. Светот минува низ процеси на голема сеопшта трансформација, а и нашиот град не е исклучок од тие процеси. За жал, живееме во време на големи неизвесности и ни останува да се посветиме на најосновните приоритети за животот и здравјето на граѓаните.
Заштитата на здравјето на граѓаните е и останува наша првенствена задача. А, тоа значи најодговорно да се однесуваме и да ги почитуваме здравствените правила и протоколи.
Бидејќи, од здравствената состојба во општината многу зависи нејзиниот економски, образовен и воопшто целокупен живот. Токму на планот на економијата, поради нејзината зависност од отвореноста на границите и граничниот промет, пандемијата од Ковид-19 во општината предизвика големи штети. Затоа, и наша приоритетна задача, покрај здравјето на граѓаните, исто така, е да ги ублажиме и економските и социјалните последици од Корона вирусот.Но, тоа не значи дека целосно прекинавме со решавањето на инфраструктурните проблеми и обезбедувањето подобри услови за живот.
Пред три години се заложив за - Гевгелија модерна, зелена, европска... Во изминатите десет месеци од годината и покрај панедмијата, во општина Гевгелија изградени се нови улици во должина 1.250 метри.
Извршена е обнова на асфалтот на улиците со површина од 8.700 м², бетонирани се помали улици во должина од 790 метри, а уредени се тротоари и пешачки патеки на површина од 3.760 м². За обнова на локалната патна мрежа изминативе десет месеци беа вложени 37.793.000 денари или над 600.000 евра од Општинскиот буџет. Во изминатите три години беа изградени и обновени 30-тина улици во Гевгелија и во населените места со вкупна површина од над 50.000 м². За изградба и обнова на локалната патна мрежа од Општинскиот буџет беа издвоени 75 милиони денари или околу 1,2 милиони евра. Поточно, изградени се нови улици со вкупна површина од 12.000 м², извршена е реконструкција, односно обнова на асфалтот на 23.000 м², а бетонирани се 15.500 м² улици и краци.
До Времената депонија кај Ново Конско изграден е пат и поставени се фотоволтаични панели во вредност од 150.000 евра со грант од ИОМ и од сопствени средства. Регионалната патната инфраструктура последниве три години е обновена со средства од ЈП за државни патишта кое издвои 180 милиони денари за реконструкција на регионалните патни правци: Миравци-Давидово и Прдејци-Смоквица, како и на патот Гевгелија-Негорци. Изграден е алтернативниот пат Смоквица-Прдејци, а наскоро треба да започнат и изведбените работи на патот Гевгелија-Богданци-Фурка. Изградена е последната делница од патот Негорци-Серменин и патот од Давидово до манастирот „Свети Илија“, со финансиска поддршка од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и сопствено учество.
Еколошката слика за Гевгелија е веќе заокружена. Во Гевгелија функционира Прочистителна станица, гевгеличани и околните жители пијат квалитетна вода од новиот водоснабдителен систем, а наскоро ќе профункционира и новата Времена депонија. Гевгелија доби мониторинг-станица за мерење на амбиенталниот воздух. Во Моин е изградена Прочистителна станица за отпадни води, додека во станбената населба „Караорман“ поставена е водоводна линија со препумпна станица и решено е водоснабдувањето, а привршува изградбата на нова канализациона линија. Обезбедени се основните предуслови за одржлив еколошки развој на општината што е, пак, значајно за одржливиот локален економски развој.
За заздравувањето на локалната економија, секако, значаен е интересот на 10-те турски компании за ТИРЗ „Прдејци“ заради што ќе се интензивираат активностите за нејзино комунално уредување.
Од капиталните проекти што следуваат само би го најавил распишаниот тендер за ревитализација на Старата депонија и уредување на крајбрежниот простор крај Сува Река во зелена површина, со доделениот грант од 420.000 евра од Грчката влада. Исто така, и тендерот што веќе го подготвуваат консултантите на KFW банката за изградба на атмосферска канализација во јужниот дел на градот, приклучување на Негорци и Мрзенци кон новиот водоснабдителен систем во Гевгелија, како и ревитализација на водоводната линија од Гевгелија до граничниот премин „Богородица“ со одобрениот германски грант од 2,5 милиони евра.
Почитувани,
Пандемијата и нејзините последици никој не можеше да ги предвиди, уште помалку, пак, да ги спречи. Нејзината појава го наруши тековното работење и функционирање, како на стопанските капацитети, така и на одделни јавни установи.
Ние ќе настојуваме паралелно со заштитата на здравјето на граѓаните, кое треба да биде заедничка грижа, да продолжиме и со реализација на другите планирани активности. Сепак, останува да се надеваме и да правиме сѐ што е во наша моќ за надминување на оваа состојба, за заштита и превенција од ширење на вирусот и да демонстрираме општествена одговорност и солидарност. Само така ќе успееме да ги ублажиме последиците од вирусот и кризата и побрзо да се вратиме во нормалниот тек на општествениот живот.
Благодарам!