Државната антикорупциска комисија констатира дека Градоначалникот на општина Гевгелија немал судир на интереси
Државната комисија за спречување на корупцијата донесе одлука,
со која се запира постапката оформена врз основа на пријава од непознат сторител за судир на интереси кај Градоначалникот на Општина Гевгелија при спроведување на постапка за јавна набавка, за доделување на постапка за јавна набавка, за доделување на договор за јавна набавка и услуги – осигурување на недвижен и движен имот во сопственост на Општина Гевгелија и колективно осигурување на вработени лица во Општината. Постапката е запрена, бидејќи при постапувањето и поведената постапка не е утврден прекршок.
При проверка на наодите од пријавата за судир на интереси, било констатирано дека целата постапка за јавни набавки за осигурување, започнатата во февруари, минатата година, била спроведена согласно Законот за јавни набавки. Критериум за доделување на јавната набавка со проценета вредност од 305.000 денари, била најниската цена, согласно важечкиот Закон за јавни набавки. За понудувач со најниска цена била избрана Националната групација за осигурување АД Осигурителна полиса- Скопје која понудила 155.097 денари за осигурување. Решението за избор на најповолниот понудувач и договор за јавна набавка биле потпишани поради постоење судир на интереси кај одговорното лице и најповолниот понудувач, од овластен државен службеник во Општинската администрација
Со вака констатираната состојба, Градоначалникот на Општина Гевгелија постапил согласно член 75 став 1 и 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси – констатира Државната комисија за спречување на корупцијата. Поради што и со одлуката донесена на 2 октомври, годинава, постапката за наводно постоење на судир на интереси целосно се запира.