Поцков: „Aпел до гевгелиските фирми да ја помогнат Општа болница- Гевгелија со донирање финансиски средства“
По вчерашната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување:
- Општинскиот штаб за заштита и спасување заседава еднаш неделно, во зависност од епидемиолошката состојба во општината. На почетокот од пандемијата имаше 1 случај од Гевгелија, а потоа прерасна во семеен кластер. Кон средината на летниот период почна активниот пораст на заболени, а на почетокот на октомври вирусот ја зеде и првата жртва.Трите смртни случаи од КОВИД-19, изминатиов викенд, наметнаа потреба за итно свикување на Штабот во проширен состав и зајакнување на мерките за заштита од спречување и ширење на вирусот. Мерките се однесуваат на здравствениот и економскиот аспект за време на пандемијата од КОВИД-19, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, во својата изјава за ТВ „Нова“ и ТВ „Кобра“, осврнувајќи се на последната седница на ОШЗС во насока на заштитата од КОВИД-19.
Поради зголемениот број активни случаи, а малиот сместувачки капацитет, Општина Гевгелија финансиски ќе го поддржи доградувањето на пунктот за земање брисеви од КОВИД-19 кое се користи и како Дневен центар за третман со инфузиона терапија на лицата со лесна и средно-тешка клиничка слика. Во доградувањето, учествуваше ЈПКД „Комуналец“ со поставување на конструкцијата. Апелирам до гевгелиските фирми да покажат општествена одговорност и да донираат финансиски средства на сметката за донации на Општа болница- Гевгелија поради потребата од соодветна апаратура за третман на заболени лица од Корона вирус, нагласи Поцков.
Општинскиот штаб го ажурираше Планот за контрола на примена на заштитните мерки од страна на надлежните државни и општински инспекциски служби и други органи, задолжени со уредбите на Владата на РСМ за примена на здравствените и протоколите за работа, кои од денеска се на терен. Новина е тоа што во патролните групи се вклучени и членови на Советот на Општина Гевгелија кои ќе ротираат, а во населените места се активирани претставниците на Месните заедници кои ќе го контролираат почитувањето на мерките. Евидентираните прекршоци се должни да ги пријават во Општинскиот штаб, а членовите кои се надлежни ќе ги санкционираат.
Во договор со Гевгелиското архиерејско намесништво, помените и погребните церемонии ќе се одржуваат само на гробните парцели со присуство на најблиските членови од семејството. Црковната капела и црковната кујна нема да работат се додека не се подобри состојбата. Пазарот ќе работи само од еден влез, за спречување на гужвите и контрола на купувачите за примена на заштитната опрема и дезинфекцијата. Продолжува да се врши дезинфекцијата на улиците и јавните површини двапати месечно. Остануваат да важат другите мерки пропишани со протоколите на Владата на РСМ (носење заштитна опрема, држење физичка дистанца, дезинфекција на рацете).
На крај, апелирам до граѓаните на општина Гевгелија доследно да ги почитуваат мерките за да не дојде до потреба од санкционирање, истакна Поцков.