Засилена контрола на примената на заштитните мерки
Советот на Општина Гевгелија на денешната седница беше информиран
за актуелната епидемиолошка состојба во Општина Гевгелија и преземените мерки и активности од страна на Општинскиот штаб за заштита и спасување.
Притоа, д-р Сашо Олумчев, раководител на ПЕ на Центарот за јавно здравје во Гевгелија, информираше дека бројките се поразителни и покрај осуммесечните апели, поради непочитување на мерките од страна на дел од граѓаните.
- Загрижувачки се секојдневните различни епидемиолошки слики и збунувачки, а исходот од тоа се 6-те загубени животи на наши сограѓани. Бројките на заболените постојано растат, така што до денес во Општината се регистрирани 315 активни случаеви на заболени од КОВИД-19. Доколку ваквиот тренд продолжи, не очекува тешка зима, предупреди Олумчев.
- Посебно загрижувачки е што асимптоматски случаи – носители на вирусот се најчесто млади луѓе и децата кои ја шират болерста меѓу возрасните. Во Општата болница во Гевгелија се третираат пациенти со средно-тешка клиничка слика, главно, со пневмонија, од кои 26% имаат потреба од кислородна поддршка. Додека, пациентите со тешка клиничка слика се третираат со венски третман и лекување со мониторинг двапати неделно. Во гевгелиската болница секојдневно 70 пациенти се на инфузија, ја објасни болничката слика д-р Патрик Мат, специјалист по интерна медицина, кој непосредно ги лекува и заболените од КОВИД-19.
Советниците беа информирани дека поради влошената епидемиолошка состојба од страна на Општинскиот кризен штаб е побарана целосна мобилизираност и засилена контрола за примена на донесените заштитни мерки и протоколи, како и донесените заклучоци од страна на граѓаните и правните субјекти, јавни установи и други објекти, заклучи За таа цел, беше ажуриран Планот за контрола на примената на заштитните мерки и побарана засилена контрола на надлежните државни и општински инспекциски служби и други органи, задолжени со уредбите на Владата на РСМ за примена на здравствените и протоколите за работа. Во патролните групи, кои веќе работат на теренот, покрај претставиците на ОВР- Гевгелија, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и социјала, Општинската инспекција, се вклучени и членови на Советот на Општина Гевгелија. Исто така, во тек е и формирањето на граѓански патроли од страна на месните заедници кои ќе контролираат дали и колку граѓаните и правните субјекти во населените места ги почитуваат заштитните мерки.