Богородица, Прдејци и Смоквица го менуваат урбаниот лик
Општина Гевгелија продолжува со акцијата за уредување на парковите
и јавните површини. По уредувањето на двата парка во Богородица, крај Општинската зграда и сред центарот на населеното место, започна уредувањето на парковите и во центарот на Прдејци и Смоквица.
Со помош на механизација на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија се порамни земјиштето, а она што следи е садење нов тревник, инсталирање ново осветлување, клупи за седење и корпи за отпадоци. Во акцијата е предвидено и збогатување на садниците со цвеќиња, доуредување на урбаната опрема за деца и оградување на парковите.
Оваа година, во Богородица и Прдејци значително е подобрена патната инфраструктура со акцијата на Општина Гевгелија за подобрување на локалната патна мрежа. Во Бородица, партерно беше уреден крак од улицата „Филип Македонски“- со бекатон-плочки, а се бетонираа двата крака од улицата кои водат до Општинската подрачна зграда. Во Прдејци, се асфалтираше улицата „Вардарска“. Во двете населени места се санираа полските патишта кои водат до обработливите земјоделски површини.
- За Смоквица и Милетково изработени се проекти за поставување канализациона мрежа, со кои ќе аплицираме на повикот од Министерство за транспорт и врски за добивање финансиски средства и реализација на проектите. По ова ќе следи и санација на патната инфраструктура во овие две населени места, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.