Дополнителни услови за полесен пристап на лицата со посебни потреби до институциите и во сообраќајот
Советот на Општина Гевгелија, заседаваше на својата 51 седница, на која:
- Членовите на Советот на Општината го усвоија Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија за 2020 година за период од 1 јануари до 30 септември, 2020 година, кумулативно. Од планираните 233.557581 денари во Oсновниот буџет, во периодот јануари-септември се реализирани вкупни приходи од 141.379.469 денари или 60,53% што значи 20% квартално и тоа без ниеден ребаланс имајќи ja предвид пандемијата од КOВИД-19.
- Советот беше информиран за преземените мерки од Општинскиот кризен штаб за заштита и спасување за справување со пандемијата од КОВИД-19 во општина Гевгелија. Излагање на седницата за моменталната епидемиолошка состојва во Гевгелија имаа и раководителот на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, епидемиолог д-р Сашко Олумчев, специјалист по интерна медицина, д-р Патрик Мат и директорот на Општа болница со проширена дејност, д-р Митко Крџев. Членовите на Советот, по зголемениот број на нови КОВИД-случаи и 6-те смртни случаи, ја оценија епидемиолошката состојба како неповолна.
- Советот донесе одлука за исплата на финансиски средтства во висина од 377.364 денари од Општинскиот буџет, од ставката Постојана резерва за помош при елементарни непогоди и епидемии, како финансиска помош на Општа болница- Гевгелија за доградба на КОВИД- Дневниот центар, поради итната потреба за обезбедување дополнителен болнички капацитет за пациентите кои примаат терапија во болнички услови.
- На седницата се донесе одлука за давање на управување и користење на изведбена градба Привремената санитарна депонија во Ново Конско со фотоволтаичен систем на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, која се реализираше во рамките на проектот на УНДП за Иновативни решенија за подобрен пристап на општински услуги.
- Со донесена одлука, Младинскиот дом во Богородица се преименува во Младински дом „Мите Танов-Коми“ по барање на Иницијативниот одбор на населеното место, а во чест на прерано починатиот сограѓанин од Богородица, Мите Танов.
- Советниците расправаа и по неколку точки за утврдување потреба од донесување Урбанистичко-планска документација поднесени од физички лица во населените места.
- Од страна на директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјални грижи, Васка Илиева, советниците беа информирани за состојбата со изграденоста на архитекстонските бариери за лицата со посебни потреби во општина Гевгелија. Од Општината беше побарано да ги задолжи институциите за изградба на пристапни рампи како до Општината, така и до други јавни институции каде тие не постојат, како банки, згради, супермаркети и верски храмови. Исто така, побарано е хоризонтално одбележување на паркинг-простор за овие лица, а од страна на Полицијата поголема контрола на возачите кои се паркираат на местата кои се веќе одбележени за лица со посебни потреби.
За лицата со оштетен вид се констатираше дека потребна е изградба на тактилни патеки, особено до Општата болница, раскрсници со звучни семафорски уреди и сообраќајници со спуштени рабници. За лицата со оштетен слух и говор Општината да ја разгледа можноста да има барем еден толкувач на ниво на локална самоуправа, кој би бил ангажиран за комуникација со овие лица во институциите каде што имаат потреба за задоволување на нивните секојдневни потреби.
- Во врска со Статутот на приватната установа за деца- Детска градника „Ѕуница“- Гевгелија, Советот даде согласност, донесен од ДТУ „РЕДИМАЛ“ ДООЕЛ Гевгелија.
На дневниот ред се најдоа и советнички прашања во врска со работата на Градоначалникот на општината.