Станбената населба Караорман доби комунална инфраструктура
Во пресрет на Денот на ослободувањето на Гевгелија – 7 ноември,
денес беше предадена во употреба новата комунална инфраструктура во населбата Караорман во Гевгелија, кој на жителите на оваа нова станбена населба им обезбедува вода за пиење и канализирање на отпадните води. Со тоа е решен еден од основните комунални проблеми на жителите, кои веќе изградиле семејни куќи и платиле комунален надомест. Имено, во употреба беа предадени нова водоводна мрежа со препумпна станица и нова канализациона мрежа.
-Ова е уште една потврда дека и покрај пандемијата од Ковид 19, продолжуваме со инфраструктурните работи, особено кога се во прашање основните потреби на граѓаните. Таков е случајот со жителите на оваа станбена населба поради што за реализација на комплетната комунална инфраструктура беа вложени 9,5 милиони денари. Значаен комунален зафат, бидејќи по десет години, жителите на оваа населба, кои платиле комунален надомест, конечно ќе добијат и комунални услуги, истакна при предавањето во употреба на комуналните објекти градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Во Караорман е изградена водоводна мрежа на сервисните улици „Галилео Галилеј”, „Апостол Петков” и „Павел Шатев”, во должина од 1.763 метри, и пумпна станица за зголемување на притисокот, за да се задоволат потребите од вода на највисоките делови од населбата. Проектот е реализиран со доделениот грант од Светска банка во износ 4.173.571 денар, за успешно реализираниот проект за изградба на новиот водоснабдителен систем во Гевгелија. Исто така, беа обезбедени дополнителни 1.137.817 денари од општина Гевгелија, како сопствено учество за целосна реализација на проектот. Додека пумпната станица, во вредност од 1.765.987 денари, е набавена и монтирана од страна на ЈПКД„Комуналец“.
-По обезбедувањето на вода за пиење во населбата Караорман, Општина Гевгелија покрена акција за изградба и на канализациона мрежа во населбата Караорман. Притоа беше изградена нова канализациона мрежа во должина од 1055 метри. За таа цел, од општинскиот буџет беа издвоени 2.700.000 денари. На тој начин, во новата населба се обезбедени неопходните комунални услуги за квалитетно живеење, а активностите за изградба на комунална нфраструктура продолжуваат во Гевгелија и во другите населени места, рече градоначалникот Поцков.