Гевгелија- светол пример за соработката на локалната власт и граѓанските организации за заштита на животната средина
- Општина Гевгелија е една од светлите примери каде е воспоставена
добра соработка меѓу локалната власт и локалните невладини организации во адресирањето и решавањето на еколошките прашања, истакна Кирил Ристовски, претседател на ЗГ- Центар за еколошка демократија „Флорозон“ од Скопје, кое во рамките на проектот: „Еднаков пристап за ефективна правда”, финансиран од ЕУ и во соработка со здружението „Промени се“ (Changemakers4all) од Гевгелија, на отворањето на денешната трибина за адресирање на еколошките прашања во Гевгелија. Целта е да се утврдат насоките како: Oпштината, граѓанските организации и централната власт да делуваат за исполнувањето на уставно-загарантираното право на заштита на животната средина. „Флорозон“ ќе биде како еден мост меѓу локалната и централната власт во надминување на локалните еколошки проблеми и ќе бараме решенија за нив, нагласи Ристевски.
- Општина Гевгелија, досега, има многу направено за подигање на свеста кај граѓаните за почиста животна средина, истакна на трибината градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, нагласувајќи дека негова и определба на Советот на Општина Гевгелија изминативе три години била изградбата на модерна, економска и зелена Гевгелија. Притоа, водевме сметка во општината да биде и остане само лесната и незагадувачка индустрија. Притоа, раководејќи се од прифатениот концепт кој е многу едноставен - не екологија на штета на економијата и не економија на штета на екологијата. Во таа насока беа и реализираните три крупни еколошки проекти, прочистителната станица, новиот водоводен систем со кој е обезбедена квалитетна вода за пиење и новата Времена депонија, со што јасно ја покажавме намерата за подобра животна средина во општина Гевгелија. Но, и предноста со која се стекнавме поради овие еколошки зафати пред другите општини во привлекување на странските инвестиции, истакна Поцков.
На трибината уште еднаш беа адресирани најактуелните еколошки прашања кои ги засегаат граѓаните од Гевгелија, а се однесуваат на изградбата на рудниците за злато на Кожуф Планина, за што граѓаните преку референдум се изјаснија против. Врз основа на ваквото граѓанско мислење Советот на Општина Гевгелија негативно се произнесе по иницијативите за нови геолошки истражувања и отворање на индустриски капацитети за рециклирање на увозен отпад. На трибината учествуваа претставници од локалната самоуправа, јавните претпријатија, централната власт, здруженија на граѓани, кои соработката меѓу граѓанскиот сектор и локалната власт го илустрираа со изградбата на новиот водоснабдителен систем во Гевгелија поради присуството на арсен во водата во бунарите кај Ново Конско. Исто така, беше укажано и на појавата на дивата сечење на шумата.
На трибината беше извршена промоција на механизмот за бесплатна правна помош, за негова примена при остварување на правото за здрава животна средина. Во тој контекст, беше извршена дисеминација на документите развиени во рамките на проектот „Еднаков пристап за ефективна правда” - Компаративна анализа на постоечки модели на правна помош во и надвор од EУ и најдобри практики, Кратка брошура за добри практики за пристап до правда од областа на животна средина и Водич за користење бесплатна правна помош.
Здружението на граѓани - Центар за еколошка демократија Флорозон Скопје во рамките на проектот: „Еднаков пристап за ефективна правда”, финансиран од Европската Унија - EuropeAid/159467/ID/ACT/MK, во соработка со Changemakers4all, организираат трибина за адресирање на еколошките прашања во Гевгелија, од која ќе произлезе петтата по ред иницијатива на Коалицијата за животна средина. Во Коалицијата за животна средина досега членуваат 32 граѓански организации од целата држава, чијашто цел е да овозможи поголема видливост и влијание на граѓанското општество во демократизациските процеси на локално и национално ниво.
Трибината ќе се одржи на 04.11.2020 во Народен Театар Гевгелија – Мала сала, со почеток од 11:00 часот.
На настанот ќе се адресираат најактуелните еколошки прашања кои ги засегаат граѓаните од Гевгелија, а се однесуваат на статусот за изградба на рудниците за злато на Кожуф Планина, присуството на арсен водата, дивата сеча, загадувањето од индустриските капацитети и други значајни теми. На трибината учество ќе земат претставници од локалната самоуправа, јавните претпријатија, централната власт, ГО, како и граѓаните од град Гевгелија.
Исто така, ќе се изврши промоција на механизмот за бесплатна правна помош, за негова примена при остварување на правото за здрава животна средина. Во тој контекст, ќе се изврши дисеминација на документите развиени во рамките на горенаведениот проект - Компаративна анализа на постоечки модели на правна помош во и надвор од EУ и најдобри практики, Кратка брошура за добри практики за пристап до правда од областа на животна средина и Водич за користење бесплатна правна помош.