Гевгелија продолжува да се справува со предизвиците наметнати од пандемијата и да го заокружува својот развоен план
По повод Денот на ослободувањето на Гевгелија - 7 Ноември,
денес, Советот на Oпштина Гевгелија одржа свечена седница во Големата сала на Народниот театар, согласно протоколите за организирање на седници и строга примена на заштитните мерки од Ковид 19. На седницата, покрај градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, присуствуваа: претседателот на Општинското здружение на борците од НОВ- Ристо Марковски, пратеничките во Собранието на Република Северна Македонија- Марија Костадинова и Ангелина Петковa, како и претставници на локалните и државните јавни установи и институции, политичките партии и невладините организации. Свечената седница ја отвори претседателот на Советот на Општина Гевгелија, Тодор Ристов, кој нагласи дека овој значаен празник за Гевгелија и општината, годинава го одбележуваме во услови на пандемијата од КOВИД-19. Затоа, и на денешната Свечена седница присуствуваат ограничен број на гости, согласно Протоколот за организирање на седници и работни средби.
- Сепак, ова е повод кој заслужува потсетување и поклонување пред жртвите од Втората светска војна, која посакуваме никогаш да не се повтори. Истовремено, изразуваме почит и благодарност до сите оние кои во изминатите седум и пол децении, слободата ја граделе и надградувале, овозможувајќи им на денешните и на идните генерации слободен развој, истакна претседателот Ристов. На самиот почеток сакам да нагласам дека во изминатите осум месеци најголемиот дел од работата и вниманието на Советот на Општината беа посветени на следењето и координирањето на активностите за справување со епидемиолошката состојба во општината и ублажување на последиците од пандемијата од КОВИД-19. За таа цел, Советот во мај месец донесе пакет мерки за намалување на комуналната такса за користење на јавен простор. На двапати носеше одлука за ослободување од плаќање на партиципација за престој на деца во детските градини во периодот од април до крајот на август. На последната седница, Советот на Општина Гевгелија донесе и одлука за доделување на 377.364 денари грант на Општата болница со проширена дејност во Гевгелија за доградба на Дневниот КОВИД-центар. Наспроти, ваквата преокупираност со пандемијата, Советот на Општината расправаше и одлучуваше и по многу други прашања за обезбедување на услови за нормално функционирање на општината и реализација на предвидените активности, рече претседателот на Советот Тодор Ристов.
На денешната свечена седница, по повод Денот на ослободувањето на Гевгелија, свое обраќање пред советниците и гостите имаше и градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков:
- Годината од едното до другото празнување ќе ја паметиме не само ние, туку и целиот свет по здравствената катаклизма која целосно ни го промени животот. Пандемијата од КОВИД-19 која предизвика серија последици, кои беа непредвидливи и далекусежни. Пандемијата ги промени приоритетите во нашето живеење, функционирање и работење. Пандемијата го отежна функционирањето на здравствениот систем, а доведе и до сериозни последици во економијата и општественото функционирање и живеење. Со жалост можеме да се потсетиме на нашите сограѓани кои ги изгубивме изминативе денови како жртви на пандемијата, а нашите мисли и молитви се со семејствата на починатите и со оние кои се уште се борат со болеста, рече Поцков и продолжи:
- Заштитата на здравјето на граѓаните беше и останува наша првенствена задача во изминатава година. Општина Гевгелија прави се што е во нејзина надлежност за да обезбеди повисок степен на почитување на здравствените правила и протоколи, како најсигурен начин за намалување на последиците од вирусот. Дополнително, здравствената криза предизвика последици и во економската слика на регионот, државата и општината, но и свои последици во социјалната сфера, образованието, културата и се она што значи општествено живеење. Пандмијата предвизвика големи штети во гевгелиското стопанство, во кое доминираат: туризмот, угостителството и услужните дејности, а кои во голем дел зависат од прекуграничниот промет. Голем дел од угостителските и услужните објекти работат со намален капацитет и намален број на вработени. Со тоа, една од најзначајните стопански гранки трпи огромни загуби, а значаен дел од нашите сограѓани се исправија пред неизвесноста за својата лична и семејна иднина. Оттука и моето и залагањето на Советот на Општина Гевгелија, а се разбира, и пред Владата на РСМ, беа насочени кон ублажување на последиците од пандемијата. Советот на Општина Гевгелија тоа го направи преку намалување на комуналните такси кои се во општинска надлежност. Заеднички настојувавме преку субвенцирање во детските градинки, во комуналните трошоци и преку зголемување на социјалната помош, да излеземе во пресрет на најранливите категории на граѓани. Од моја страна беа иницирани повеќе средби и активности со надлежните Владини ресори за непосредно запознавање со проблемите на гевгелиските стопанственици и обезбедување на соодветна помош. Паралелно со ова се трудиме преку донации и други финансиски извори да обезбедиме дополнителна опрема за здравствениот систем во општината. Како што впрочем беше и последниот грант што Општина Гевгелија и го додели на Општата болница за доградба на Дневниот КОВИД-центар во Гевгелија. Ваквите напори и активности и натаму продолжувааат бидејќи и пандемијата со КОВИД-19 продолжува да ни се заканува, истакна Сашо Поцков и нагласи:
- Но, сепак тоа не значи дека целосно прекинавме со подобрувањето на квалитетот на живеење на граѓаните и со решавањето на инфраструктурните проблеми. Предуслов за тоа секако беше стабилизирањето на финансиската состојба на општината: Годинава, наспроти проблемите предизвикани од пандемијата, продолживме со континуиран пораст на реализацијата на буџетските приходи, која во деветте месеци изнесуваше 60% од предвидениот Основен буџет. Пред три години се заложив за - модерна, зелена, европска Општина Гевгелија, на добар пат сме ваквата заложба да ја оствариме...
Притоа, градоначалникот на Општина Гевгелија ги најави капиталните проекти што следуваат, а за чија реализација веќе се обезбедени финансиски средства:
- Министерството за животна средина го распиша тендерот за ревитализација на старата депонија и уредување на крајбрежниот простор на Сува Река во зелена површина, со доделениот грант од 420.000 евра од Грчката влада.
- Консултантите на КаФеЕв банката го подготвуваат тендерот за изградба на атмосферска канализација во јужниот дел на градот, приклучување на Негорци и Мрзенци кон новиот водоснабдителен систем во Гевгелија, како и ревитализација на водоводната линија од Гевгелија до граничниот премин Богородица. Сите овие проекти ќе се реализираат со одобрениот германски грант од 2,5 милиони евра. Со вториот тендер на Министерството за транспорт и врски започнува изградбата на улицата „Методија Андонов Ченто“, од влезот до центарот на Мрзенци која ќе се реализира од доделениот грант од 900.000 евра на општината. Со средствата наменети за комунална инфраструктура од Минитерството за транспорт и врски, идната година треба да започне изградбата на фекална канализација во Смоквица, а со средства од Бирото за регионален развој изградбата на фекален колектор во Милетково. Преку одобрениот проект на Југоисточниот плански регион од ИПА-Програмата за прекугранична соработка со Република Грција, предвидена е набавка на ново противпожарно возило за ТППЕ-Гевгелија, рече Поцков и потенцира:
- Но, тука не застануваме. Од Основниот буџет, со општински средства, ќе отпочнеме со изградба на Западниот булевар, за кој веќе е завршена експропријацијата, како и изградба на нов урбан Градски сквер, на местото на стариот пазар во центарот на градот. Ќе биде довршена и последната делница од патот за Ума, а ќе биде изградена улицата „Александар Бел“ на Мрзенски Рид, како и реконструирани неколку улици во Гевгелија и во населените места. Исто така, ќе бидат асфалтирани и бетонирани неколку улици, сокаци и тротоари, во градот и во населените места. Наредната година ќе биде изграден парк за домашни миленичиња крај патеката на Вардарски Рид, а ќе бидат уредени со нови содржини и нова урбана опрема парковите во градот и во населените места.
Во своето обраќање на свечената седница, градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо поцков порача:
- Пандемијата и нејзините последици никој не можеше да ги предвиди, уште помалку пак да ги спречи. Нејзината појава го наруши тековното работење и функционирање, како на стопанските капацитети, така и на одделни јавни установи. Ние ќе настојуваме паралелно со заштитата на здравјето на граѓаните кое треба да биде заедничка грижа, да продолжиме и со реализација на другите планирани активности. Сепак, останува да се надеваме и да правиме се што е во наша моќ за надминување на оваа состојба, за заштита и превенција од ширење на вирусот и да демонстрираме општествена одговорност и солидарност. Секој од нас треба да тргне од себе - да ја препознае и сфати сериозноста на здравствената закана, да внимава на себе и на своите најблиски, доследно да ги почитува мерките за заштита и превенција. Само така ќе успееме да ги ублажиме последиците од вирусот и многуте кризи, кои истиот ги предизвика и побрзо да се вратиме во нормалниот тек на општествениот живот. А, тоа значи, следната година, Денот на ослободувањето на Гевгелија да го прославиме како што доликува на овој значаен празник.
По обраќањето на Градоначалникот на Општина Гевгелија, преку видео- презентација беа презентирани активностите и реализираните проекти во општината во изминатиот период.