Тротоарите на улиците: „Борис Карапузов“ и „Скопска“ заградени поради изградба на катна гаража
По повод реакциите на повеќе граѓани поради заградените тротоари
на дел од улиците „Борис Карпузов“ и „Скопска“ во Гевгелија, градоначалникот на oпштина Гевгелија, Сашо Поцков, изјави за ТВ „Нова“:
- Ја разбирам реакцијата на граѓаните од општината поради оградување на просторот зад стариот пазар, со што се зафатени и дел од тротоарите на посочените улици, со што е отежнато движењето на пешаците. Сакам да ја информирам јавноста дека оградениот простор на раскрсницата од овие две улици е приватно земјиште, на кое треба да се изгради катна гаража на приватен инвеститор, нешто што е предвидено и со Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје.
Затоа ги молам граѓаните да покажат малку трпение затоа што таму наскоро започнуваат изведбените работи и, согласно Законот за градба, инвеститорот е должен да го загради и од сигурносни причини да го обезбеди просторот каде што ќе се изведуваат градежните работи. Бидејќи габаритот на гаражата ќе биде после тротоарите, во наредните три месеци, овој простор ќе биде ограден, а по завршувањето на изградбата на катната гаража, тротоарите повторно ќе бидат ослободени за движење на пешаците, истакна Поцков, нагласувајќи дека со воведувањето на зонското паркирање на почетокот на наредната година, оваа катна гаража сосема ќе се вклопи во концептот на растеретување на централното градско подрачје од присуство на паркирани возила.