Во 2021 година- приоритет на проширувањето на комуналната и патната инфраструктура
Во Општина Гевгелија, во наредната година приоритет ќе им
биде даден на капиталните проекти за подобрување и проширување на комуналната и патната инфраструктура. Имено, Советот на Општина Гевгелија на денешната седница го донесе Планот на програми за развој на Општина Гевгелија за 2021 година, со развојните потпрограми. Станува збор за 20 развојни потпрограми, со кои се опфатени поголеми проекти кои Општина Гевгелија ги реализира или ќе започне со реализација во наредниот период.
Најголеми и најзначајни проекти се изградбата на системите за водоснабдување и за одведување и прoчистување на отпадните води. Пред се, обезбедувањето на вода за пиење од новиот водоснабдителен систем во Гевгелија за населените места: Негорци и Прдејци, како и изградбата на атмосферска канализациона мрежа во целиот јужен дел од градот Гевгелија и Прoчистителна станица за отпадни води од: Негорци, Негорски бањи, Прдејци и индустриски зони „Блокотехна” и „Прдејци”. Овие капитални проекти ќе се реализираат со доделениот германски грант од 2,5 милиони евра преку КФВ банката, а наскоро се очекува распишување на тендер.
Исто така, приоритет е даден на изградбата и реконструкцијата на општинските патишта и улици, во прв ред, продолжувањето на Западниот булевар со изградба на улицата „Свети Климент Охридски“ во Гевгелија, Јужниот булевар, односно изградба на улицата долж коритото на Сува Река, од поранешна Касарна до Железничкиот мост, довршување на општинскиот пат Ново Конско-Ума и изградба на општински пат Конско-Серменин-Миравци. Во развојната прогрма на Општина Гевгелија, во 2021 година приоритет ќе се даде на реализација на проектот „Градски сквер“ на старата локација на Градскиот пазар во центарот на Гевгелија, изградбата на нова детска градинка и профункционирањето на новиот Мултимедијален културен центар. Идната година приоритет ќе се даде и на изработката на проектот за секундарна гасификација на Општина Гевгелија имајќи предвид дека општината ќе биде приклучена на главниот гасоводен приклучок од Грција.