In memoriam: Почина Иван Беќарев, доајенот на југословенското и српското глумиште
Во својата 74 година од животот, почина Иван Беќарев,
познат доајен на српското и југословенското глумиште и редовен професор на Факултетот за глума на Академија на уметностите БК, по потекло од Гевгелија. Почина гевгеличанецот кој живееше во Белград, но како што велеше Гевгелија секогаш ја носеше во срцето и мислите. На сите гордо им кажувал од каде е неговото потекло.
Измината година, Беќарев престојуваше во Гевгелија поради снимањето на филмот „Професорот“, документарец за Илија Џаџев, роднина на Беќарев. Филмот „Професорот“ имаше премиера во официјалната програма на Фестивалот за документарни филмови „Македокс“, а телевизиска премиера на МТВ ќе има на пролет, која за жал актерот не ја дочека. „Професорот“ е во продукција на „Кадар“, во копропукција со „Машинска продукција“ и МТВ. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ и помогнат од Општина Гевгелија.
Инаку, роден е на 6 април 1946 година во Белград. По завршувањето на основното училиште, се запишува во Шеста белградска гимназија, а потоа и на Факултетот за драмски уметности.
Беќарев има снимено повеќе од 50 филмови во поранешна Југославија, Србија, Данска, Италија и други земји. Првата голема улога ја имаше во 1967 година во филмот „Боксерите одат во рајот“. Одигра голем број улоги во ТВ драми и популарни серии како „Бањица“, „Отпишани“, „Подобар живот“, „Среќни луѓе“ и многу други. Најголемата популарност ја стекна толкувајќи ликови во култни ТВ серии – Стеван Курчубиќ во „Подобар живот“ и Бошко Деспотовиќ во „Среќни луѓе“. Беќарев има одиграно повеќе од 150 театарски улоги, од кои околу 60 во Југословенскиот драмски театар.