Интервју на градоначалникот Поцков за ТВ „Нова 12“: - Со заштита на сопственото здравје, ги штитиме јавното здравје и локалната економија
На последната седница Советот на Општина Гевгелија
го донесе ребалансот на Буџетот. Дали и колку сте задоволни од остварувањето на Општинскиот буџет годинава?
- Најголем проект е исчистените затекнати долгови и финансиското стабилизирање на Општината, за што придонесоа домаќинското работење на ОГ и помошта на Владата на РСМ 63.000.000 денари. Успеавме не да не должиме никому, туку долговите да бидат подмирени кон ЈПКД „Комуналец“ и долгот кон фирмите. Оваа година, репер нека биде 2019 година, кога завршната сметка за 2019 ја разгледувавме во март 2020 и покажа високо извршување на Буџетот од 82%, без низок обем на обврски, со висок степен на реализација, во која најголем дел заземаа капиталните расходи од 42%. Очекував амбициозна 2020 година, но поради КОВИД-19 пандемијата и нејзиното влијание врз гевгелиското стопанство, тоа очекување, за жал, е невозможно. Искрено, се надевам дека идната година ќе се најде решение за излез од кризата и дека економијата ќе заживее. Само отвореноста на границите со добра епидемиолошка слика е услов за гевгелиската економија да се врати во кондиција.
- Без разлика на пандемијата од КОВИД-19, задоволен сум и од извршувањето на Буџетот за 2020 година од 62%. Се надевам дека до крајот на 2020 година ќе го стигне истиот процент на извршување како и во 2019 година. На последната седница на Советот на Општина Гевгелија се изврши Ребаланс на Буџетот со 18.000.000 надолу во Вкупниот буџет, во кој дел се намалените блок-дотации од Владата со ребалансот на Буџетот на Централно ниво каде најмногу средства изгуби СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија и намалените средства во самофинансирачката сметка поради донесената одлука на Советот на Општина Гевгелија за ослободување на родителите од плаќање партиципација за месеците април, мај, јуни и јули во ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија која не згрижуваше деца поради КОВИД- пандемијата. Буџетот е ребалансиран за некои 800.000 денари што не е и толку загрижувачка цифра бидејќи нема да се почувствува во работењето на Општината и извшувањето на Буџетот до 80 % до крајот на годината. Затоа што, очекуваме нови приходи до крајот на новата година.
Општина Гевгелија ја објави електронската платформа за предлози од граѓаните во креирањето на општинскиот буџет во 2021 година. Тоа значи дека започнаа активностите околу креирањето на новиот буџет?
- Во тек се активностите за креирање на Буџетот за 2021 година. Уште на последната седница со носење на Развојната програма. Првата недела од декември ќе имаме Нацрт-верзија на Буџетот, а последната недела од декември ќе имаме Предлог-Буџет кој ќе биде ставен на гласање на седница на Совет на Општина Гевгелија. Затоа Општината креираше веб-платформа, на која граѓаните можат да споделат свои мислења, предлози и да учествуваат во креирањето на Буџетот на општина Гевгелија за 2021 година. И порано, Буџетот се креираше со учество на граѓаните преку Месните заедници. Поради тоа што Миравци и Негорци немаат Месна заедница, се изработи платформа не само за нив, туку и за граѓаните на Гевгелија да учествуваат во креирањето на Буџетот. Секако, оние што не располагаат со електронски уреди, своите предлози можат да ги достават преку писмена пријава.
Кои се основните развојни правци во општината идната година?
- Развојните потпрограми се 20, но со повеќегодишна реализација, најмалку две-три години, а имаат фискално зафаќање од 1 година. Капиталните проекти кои следат во 2021 година во општина Гевгелија, се 4 проекти, поминати од ревизорот на КFW банката: нова водоводна линија Мрзенци-Негорци-Прдејци, изградбата на атмосферска канализациона мрежа во целиот јужен дел од градот Гевгелија и Прoчистителна станица за отпадни водиод: Негорци, Негорски бањи, Прдејци и индустриски зони „Блокотехна” и „Прдејци”, нова водоводна линија со поголем капацитет од Мотелот до зоната „Милци“ накај Богородица, Стојаково и Селемлија. Преку вториот јавен повик на Министерството за транспорт и врски, ќе се изврши реконструкција на улицата „Методија Андонов- Ченто“ во Мрзенци. На третиот повик на Министерството за транспорт и врски ќе аплицираме за изградба на улицата „Свети Климент Охридски“ во Гевгелија, Јужниот булевар, односно изградба на улицата долж коритото на Сува Река, од поранешна Касарна до Железничкиот мост.
- Аплициравме во Министерството за труд и социјала и со проект за доградба на Детската градинка „Сончогледи“, за кој очекувам дека ќе ни бидат одобрени средства, а ќе се отвори дополнителен капацитет за згрижување на 120 деца. Освен ова, во 2021 година следат и реконструкција и уредување на улици, краци и тротоари по редовни програми од редовниот Буџет, за кои ќе бидат распишани посебни тендери: улицата „Александар Бел“ во Мрзенци, продолжувањето на Западниот булевар со изградба на улицата „Свети Климент Охридски“ во Гевгелија и доградба на патот до Ума, за кои средства аплициравме на јавниот повик преку Југоисточниот плански регион. Поради кризата и немањето доволно средства, изградбата на Урбан градски сквер кој требаше да биде реализиран оваа година, ќе биде одложен за догодина.
Пандемијата од КОВИД-19 забави дел од активностите, како ја оценувате епидемиолошката состојба во Општината?
- Епидемиолошката ситуација во Гевгелија варира. На почетокот од пандемијата, епидемиолошката слика беше во нормала се до август месец кога граѓаните малку се опуштија со своето однесување и имаше непочитување од страна на угостителските објекти и помладата популација. По смртните случаи, некако граѓаните ја сфатија сериозноста на вирусот и се промени ситуацијата во позитивна насока со доследно почитување на заштитните мерки. Инаку, патролните групи кои се формираа со одлука на една од седниците на Општинскиот штаб за заштита и спасување редовно ја спроведуваат контролата за примената на заштитните мерки. Но, бројот на новозаболени секојдневно расте. Да бидеме оптимисти дека сите заеднички оваа ситуација ќе ја пребродиме за да одиме напред. Што се однесува на работата на Општата болница- Гевгелија и Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија со справувањето со КОВИД-пандемијата, секоја чест за менаџментот и макотрпното работење на здравствениот персонал. Изразувам и благодарност и до Советот на Општина Гевгелија што имаа сенс да ја усвојат одлуката од Општинскиот буџет да се издвојат средства за доградба на КОВИД-центарот, старото Кожно одделение.
Што е со модуларната КОВИД-болница, Гевгелија е меѓу 16 општини во земјата, каде што требаше да биде поставена ваква болница.
- Во врска со изградбата на модуларниот КОВИД-19 центар, очекувам за 10 дена да биде поставен и да профункционира. Веќе интензивно се реализираат подготвителните работи. На почетокот од идната недела ќе бидат транспортирани елементите за модуларна градба и ќе започне нејзино монтирање. Веднаш потоа, ќе уследи поставување на опремата веќе набавена од страна на Министерството за здравство.
Општина Гевгелија, и годинава, пред донесувањето на Буџетот за 2021 година, ги објави програмите за финансирање на културни проекти и активности, спортски здруженија и клубови, активности на НВО и на месните заедници. Дали ќе има некакви корекции во буџетската политика кон поддршката на овие дејности?
- Во однос на средствата што се доделуваат преку програмите за доделување финансиски средства за активности од областа на спортот и културата за 2021 година, ќе останат исти. Но, ќе има измени во начинот на исплатата на финансиските средства. Доделените средства за реализација на одреден проект мора да бидат оправдани со докази. За секој направен трошок што е предвиден во програмата, ќе се исплати одредена сума. Истиот начин на исплаќање е и сега за време на пандемијата. Многу од предлагачите на проектите имаа предвидено активности кои поради КОВИД-пандемијата не беа реализирани. Од одобрената вкупна сума, им се исплаќа дел за реализираната активност.
Од страна на Левица повторно се критикува иницијативата за воведување на Зонско паркирање во Гевгелија?
- Ако Левица ја критикува иницијативата за воведување на Зонско паркирање во Гевгелија и сметаат дека треба да има референдум, нека соберат доволно потписи и тогаш ќе се одржи референдум. Целиот спор е во користењето на јавната површина и зошто користењето да се плаќа.
Пандемијата и нејзините последици никој не можеше да ги предвиди, уште помалку, пак, да ги спречи. Нејзината појава го наруши тековното работење и функционирање, како на стопанските капацитети, така и на одделни јавни установи. Колкави се штетите од пандемијата, колку луѓе останаа без работа и кои компании претрпеа најголеми загуби во општината?
- Евидентно е дека се погодени сите услужни дејности во Гевгелија. Најмногу казината, стоматолошките ординации и угостителите. Од почетокот на кризата, па до сега, од АВРМ- Гевгелија имаме податоци дека зголемен е бројот на активни баратели на работа за 1400. Во таа структура влегуваат отпуштените од казината и конфекциите. Но во оваа бројка не влегуваат само оваа група, туку и активните баратели на работа кои тукушто завршиле средно училиште или факултет и се пријавиле во Агенцијата за вработување.
Колку и дали може да им се помогне на овие компании?
- Тоа е државна политика и со 4 пакета економски мерки мислам дека им е пружена помош. Општината им излезе во пресрет на фирмите со одлуката на Советот за утврдување на висината на комуналните такси во општина Гевгелија, комуналната такса за називот на фирма на деловни простории за физички лица кои вршат дејност е намалена од 2.000 денари на 1.300 денари, комуналната такса за називот на фирма на деловни простории на физичките лица кои вршат дејност, а данокот го плаќаат во паушален износ, е намалена од 500 на 350 денари, комунална такса за називот на фирма на деловните простории на трговските друштва и други правни лица од областа на производството, прометот и услугите, од досегашните 6.000 денари е намалена на 4.000 денари. Исто така, Советот на Општина Гевгелија одлучи таксата за користење на просторот пред деловните простории за вршење на дејност да се намали од 7 на 5 денари од метар квадратен на ден. Четвриот пакет мерки се надевам дека на гевгелиските фирми ќе им помогне колку-толку за да не дојде до затворање на фирмите.
Членовите на Советот на Општина Гевгелија ги донесоа одлуките за измена и дополнување на Статутот на Општина Гевгелија за додавање нов член, со кој ќе се овозможи седниците на Советот да се одржуваат со употреба на ИТ поради моменталната ситуација со КОВИД-пандемијата. Ќе има ли онлајн-седници?
- Секако дека ова мораше да биде предвидено бидејќи ситуацијата со КОВИД-пандемијата е непревидлива. Ова одлука за додавање на нов член како дополнување на Статутот на Општина Гевгелија за овозможување седниците на Советот на Општина Гевгелија да се одржуваат онлајн е донесена со цел да не дојде до немање доволен број членови, а да не може да се донесе на пр. Буџетот на Општина Гевгелија. Бидејќи, на последната седница имавме 3 члена кои отсуствуваа поради тоа што беа во изолација.
Гевгелија доби современа мониторинг-станица за следење на амбиенталниот воздух која последниве денови покажува дека гевгеличани не дишат толку чист воздух колку се претпоставуваше. Која е причината и што ќе преземете во таа насока?
- Министерството за животна средина може да ги лоцира местата од каде доаѓа загадувањето. Бидејќи оваа станица беше скоро пуштена во употреба, очекувам во набрзо време да добиеме насоки од Министерството за тоа како да постапат нашите комунални редари. Влегуваме во сезона на грејниот период, така што сметам дека тоа е причината за згадувањето. Се надевам дека сликата на пролет ќе биде друга. Меѓутоа, Општина Гевгелија како одговорна општина и ја негува зелената политика, со добивањето на извештајот од страна на Министерството, ние ќе постапиме веднаш и ако треба да се изречат санкции, тоа ќе биде спроведено.
До каде е изградбата на Конска брана, која требаше да биде изградена до крајот на оваа година?
- Работите на браната беа стопирани три месеци. Прекинот настана поради неисплатениот долг од околу 4 милиони евра од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кон турскиот изведувач на работите, компанијата „Серка Акели“. Тоа се случи поради тоа што државата го чекаше ребалансот на Буџетот. Сега, работите на браната се продолжени, и како што ми објаснија од ресорното Министерство, изведбените работи треба да завршат до летото 2021 година. Со изградбата на браната, ќе се обезбеди редовно снабдување со квалитетна вода за пиење, за наводнување на земјоделските површини, за производство на електрична енергија, но ќе значи и обезбедена вода за дотур за спас на Дојранското езеро.
Дополнително, вештачкото езеро на браната „Конско“ која се наоѓа веднаш под излетничко-рекреативниот локалитет Смрдлива Вода на Кожув, на само 20-тина километри оддалеченост од градот, ќе претставува нова содржина во локалната туристичка понуда на Гевгелија. Преку Секторот за урбанизам ќе биде изработен урбанистички план за изградба на мини-туристичка населба на брегот на вештачката акумулација. Глобално, ова ќе значи зголемување на економскиот раст, животниот стандард на населението, унапредување на здравјето и квалитетот на живот на граѓаните од целиот овој крај и развој на општина Гевгелија на повеќе нивоа.
До каде е проектот со Сува Река?
- Проеткот со Сува Река доцни поради пандемијата од КОВИД-19 и доцнат европските пари. Општината можеше да учествува со сопствени средства не како со сопствено учество, туку како аванс кој подоцна ќе беше вратен од ЕУ, меѓутоа овие средства не беа предвидени во Буџетот на Општината. Но, во фаза сме на решавање. Грчката страна како носител на проектот побара продолжување на проектот во рок од 6 месеци. Инаку, 80 % од реализацијата на активностите за проектот се завршени, со што веќе има видливи резултати од регулицијата на коритото на Сува Река.
Што би им порачале на граѓаните?
- Да се грижиме сите и за сопственото здравје и за здравјето на своите најблиски. Апелирам за доследно почитување на мерките за заштита, носење маска, дезинфекција на рацете и држење на потребната дистанца за да ја надминеме оваа ситуација и да се вратиме што побргу на нормалните навики.