За подобрување и проширување на локалната патна мрежа за три години вложени 75 милиони денари
Во изминатите три години, во Општина Гевгелија беа изградени
и обновени 30-тина улици со вкупна површина од 53.000 м². За изградба и обнова на локалната патна мрежа од Општинскиот буџет беа издвоени 75 милиони денари или околу 1,2 милиони евра. Поточно, изградени се нови улици со вкупна површина од 12.000 м², извршена е реконструкција, односно обнова на асфалтот на 23.000 м², а бетонирани се 15.500 м² улици и краци.
Регионалната патната инфраструктура последниве три години е обновена со средства од Јавното претпријатие за државни патишта, кое издвои 180 милиони денари, за целосна реконструкција на регионалните патни правци Миравци-Давидово и Прдејци-Смоквица, како и на патот Гевгелија-Негорци, во должина од 6,5 километри.
Изграден е алтернативниот пат Смоквица-Прдејци, а наскоро треба да започнат и изведбените работи на патот Гевгелија-Богданци-Фурка.
Во тригодишниот биланс за проширување и подобрување на локалната патна мрежа треба да се спомене и доизградбата на последната делница од патот Негорци-Серменин и патот од Давидово до манастирот „Свети Илија“, со финансиска поддршка од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и сопствено учество. Додека, пак, со грант од Меѓународната организација за мигранти беше изграден патот до Времената депонија кај Ново Конско.
Што се однесува пак до последната делница од патот за Ума, според градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, Општината аплицираше за вклучување на овој проект во Програмата за регионален развој со која Југоисточниот плански регион ќе аплицира пред Бирото за регионален развој. Проценетата вредност за проектот е околу 8 милиони денари, а со изградбата на оваа последна делница, целиот пат ќе биде завршен. Поради тоа, реализацијата на овој проект е од приоритетно значење, вели Поцков.