Презентирана Програмата за развој на ЈИПР
Денес, се одржа Финалната конференција за изработка на Програмата
за развој на Југоисточниот плански регион 2020-2024. На конференцијата која се одржа онлајн на виртуелната платформа ZOOM, учествуваа Градоначалниците - членови на Советот за развој на Југоисточен плански регион, вработени во Центарот за развој на Југоисточен плански регион, претставници на Министерство за локална самоуправа, Биро за Регионален Развој и други министерства, донаторската заедница, засегнати страни од Југоисточниот регион (претставници на општини, јавни институции, приватен и граѓански сектор).
На конференцијата беше презентирана Програмата за развој на Југоисточниот регион 2020 – 2024, односно нејзината драфт-верзија. Изработката на програмата е поддржана од Министерството за локална самоуправа преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, проект кој се спроведува со поддршка на Швајцарската агенција за развој и во соработка во Република Северна Македонија. Според Коста Јаневски, претседател на Советот за развој на ЈИПР и градоначалник на Општина Струмица, ја посочи значајноста на овој документ бидејќи претставува појдовна основа за натамошниот развој на целиот регион.
Директорката на Центарот за развој на ЈИПР Жулиета Ѓурковска напомена дека со денешната презентација, всушност, се заокружува работниот процес околу изработката на овој значаен документ.
- Денес, а и во наредниот наредниот период, документот ќе биде дополнет со предлозите и забелешките од сите општини, така што при неговата конечна презентација очекуваме целосно заокружена Програма за развој, истакна Ѓурковска.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, смета дека Програмата за развој на ЈИПР во наредните четири години е потик за изработка на општинските стратегии за развој. Притоа, информираше дека Општина Гевгелија веќе започнала со процесот за изработка на овој стратешки документ, но неговата финализација беше одложена поради пандемијата.
- Очекувам во првата половина од наредната година Програмата за развој на Општина Гевгелија 2021-2025 година, чиј координатот е Фондацијата за локален развој да биде донесена, рече Поцков.