Најголем број од предлозите на граѓаните за креирање на Буџетот на ОГ за 2021 се однесуваат на патната инфраструктура
Досега, од пристигнатите 80 предлога на граѓаните на веб-платформата
која ја креираше Општина Гевгелија за учество во креирањето на Буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година, најголем дел од нив се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура и, тоа, на асфалтирање и бетонирање на улици и краци во населените места.
Значително, поголем број од предлозите се однесуваат на прашања од областа на спортот, културата и младите како: изградба на спортски сали и обновување на спортските игралишта, набавка на кино-опрема и сл. Помал дел од граѓаните учествуваа со предлози од областа на комуналната дејност, водовод и канализација, урбана опрема, паркови и зеленила, јавна чистота и од областа на образованието.
Како што истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, следат средби со Месните заедници, на кои ќе се детектираат приоритетите на жителите во населените места, се со цел нивните предлози и идеи да бидат вметнати во програмите на Буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година и истите да се реализираат.
Утре, на 55 седница на Советот на Општина Гевгелија, ќе се разгледува Нацрт-буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година, а последната недела од месец декември, членовите на Советот ќе го разгледуваат Предлог-буџетот. Така што, граѓаните од општина Гевгелија, до крајот на месец декември, можат со своите предлози да придонесат во креирањето на Буџетот на Општина Гевгелија, а нивните реални потреби да бидат опфатени во програмите на Буџетот за 2021 година.