Во гевгелиските училишта наставата се реализира непречено
Денеска, во 11 часот, градоначалникот на општина Гевгелија,
Сашо Поцков, одржа работен состанок со директорите на гевгелиските училишта, на кој се дискутираше за тековните активности во поглед на реализацијата на наставата за време на пандемијата од КОВИД-19.
Како што информираа директорите, во училиштата доследно се почитува примената на заштитните мерки и протоколите за реализирање настава со физичко присуство, а здравствениот билтен на вработените во училиштето и учениците е во нормала. Минималниот број на наставници и ученици кои се во изолација или поради контакт со заболени од КОВИД-19 или се позитивни на вирусот, наставата ја реализираат од дома, така што нема прекин во наставата. Што се однесува на онлајн-наставата, нема поголеми технички проблеми, бидејќи тие тековно се надминуваат.
Од почетокот на учебната година, Одделението за образование при Општина Гевгелија секојдневно е во комуникација со директорите и стручните соработници во училиштето и ја следи состојбата за бројот на ученици кои се приклучиле во онлјан-наставата.
Градоначалникот Поцков истакна дека е горд што и покрај вонредните услови што ги наметна Корона вирусот, организацијата на гевгелиските училишта е на највисоко ниво. Исто така, изрази голема благодарност до наставниците за нивниот максимален влог во работата со учениците.