Буџетот на Општина Гевгелија во 2021 година проектиран на 474.577.569 ден.
Вкупниот буџет на Општина Гевгелија во 2021 година е проектиран на
474.577.569 денари, додека Oсновниот буџет на 210.602.637 денари. Буџетската рамка ја утврди Советот на Општина Гевгелија на денешната 55 седница отворајќи ја расправата по овој значаен документ. Имено, Советот на Општината го носи Општинскиот буџет во две фази, најпрво, расправа за неговата нацрт-верзија, а по јавната расправа, пред крајот на годината се расправа и усвојува предлог-верзијата на Буџетот. Со тоа се обезбедува целосна транспарентност во процесот на донесувањето на Буџетот на Општина Гевгелија.
Општинскиот буџет, согласно законските ограничувања, е креиран врз основа на просечните буџетски остварувања во 2017,2018 и 2019 година, плус 30%. Според градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, најавената можност од страна на Владата на РСМ, за зголемување на процентот на 50%, ќе овозможи зголемен обем на Основниот буџет, а средствата ќе бидат наменети за капитални расходи, во прв ред, за уредување на градежното земјиште. Притоа, Поцков ги издвои: изградбата на продолжувањето на Западниот булевар, Јужниот булевар, улицата „Александар Бел“, Градскиот урбан сквер. Инаку, поради пандемијата во Oсновниот буџет ставката за елементарни непогоди од 500.000 денари е зголемена на 1 милион денари. Поцков потенцираше дека по средбата со претседателите на Mесните заедници и други корисници на Oпштинскиот буџет очекува издржани предлози кои ќе бидат дополнети во Буџетските програми.
Во Општина Гевгелија, во наредната година приоритет ќе им биде даден на капиталните проекти за подобрување и проширување на комуналната и патната инфраструктура. Значајно е што, покрај наведените и предвидените средства за реализација на повеќе значајни инфраструктурни проекти, во 2021 година претстои изградба на системите за водоснабдување и за одведување и прoчистување на отпадните води. И, тоа, со веќе одобрениот германски грант од 2,5 милиони евра, чија реализација започнува на почетокот од идната година. Станува збор за обезбедување на вода за пиење од новиот водоснабдителен систем во Гевгелија за населените места: Негорци и Прдејци, ревитализација на водоводната линија за граничниот премин и населеното место Богородица, како и раздвојување на атмосферската од фекалната канализација и изградба на нови атмосферски линии во целиот јужен дел од градот.