Започна јавната расправа по Општинскиот буџет за идната година
Советот на Општина Гевгелија, денес, ја одржа
својата 55 седница, на која го усвои Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година и Нацрт-Програмитe за уредување на градежното земјиште и за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на општинските патишта и улици во општина Гевгелија за 2021 година. По донесувањето на буџетската рамка, отворена е јавна расправа во наредните 20 дена, во кој период граѓаните и институциите можат да ги дадат своите предлози и забелешки за дополнување на Општинскиот буџет за наредната година.
Документот ќе биде ставен на веб-страната на општина Гевгелија, каде што граѓаните преку посебна апликација веќе поднесоа стотина предлози. Градоначалникот на Општина Гевгелија ќе одржи средби со претседателите на месните заедници, јавни и други установи. По расправата ќе бидат сумирани предлозите и забелешките и дополнетиот Предлог-Буџет, пред крајот на годината, односно, во законскиот рок, повторно ќе се најде пред советниците на усвојување.
Советот на Општината на денешната седница донесе решение за формирање на Комисија за изработка на Програмата за работа на Советот на Општина Гевгелија за 2021 година. Исто така, беше донесена и одлука за основање на заедничко јавно претпријатие за заловување и третман на бездомни кучиња, кое ќе стопанисува со новиот стационар за бездомни животни во Струмица. До изградбата на вториот стационар во Валандово, новоформираното јавно претпријатие, со двете возила на располагање, ќе ја покрива подрачјето на целиот регион и ќе врши заловување и третирање на бездомните кучиња во стационарот во Струмица, каде што е предвидено да работат еден лекар ветеринар, двајца ветеринарни техничари и четворица заловувачи, објасни Жулиета Ѓуркова, директор на Центарот на Советот за развој при ЈИПР.
Советот на денешната седница даде согласност на финансискиот извештај на ЈПКД „Комуналец“ во изминатите девет месеци, со посебен осврт на последното тримесечие. Советниците на денешната седница беа информирани од ЈПКД „Комуналец“ за хортикултурното уредување во општина Гевгелија. Директорот на „Комуналец“, Златко Зумров, информираше дека претпријатието има сопствено производство на расаден материјал за сезонско цвеќе, зимзелени растенија и сл. Се произведуваат 20.000 садници за пролетно цвеќе и 12.000 садници за зимско цвеќе. Освен тоа, редовно се одржуваат парковите, јавното зеленило и урбаната опрема.
Додека, пак, Меѓуопштинскиот центар за социјални работи информираше за состојбата со социјалната заштита на населението во општина Гевгелија. Корисници на ГМП се 215 домаќинства, 1008 се корисници на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, 10 до 12 лица месечно го користат правото на еднократна парична помош, корисници на додаток за слепило- 61 лице, додаток за мобилност- 57 корисника, додаток за мобилност- 57, додаток за глувост- 54, парична помош за студирање- 3, право на здравствена заштита- 87, паричен надоместок за енергетска сиромаштија- 295, паричен надоместок за мајка која родила четврто дете- 4, гарантиран детски додаток- 97, образовен додаток- 94, посебен додаток- 99, родителски додаток за трето дете- 279, еднократна парична помош за новороденче- 15 барања месечно, Народна кујна- 25, социјална сигурност за стари лица над 65 години- 84 корисника. Во Дневниот центар за деца со посебни потреби се згрижени 17 деца.
На оваа седница беше донесен и Деталниот урабнистички план за блок 15 (дел 15.10) Општина Гевгелија, плански период 2020-2025 година.
Седницата на Советот на општина Гевгелија и овој пат се одржа во Големата сала на Народниот театар во Гевгелија, со почитување на протоколите за заштита и спречување на ширењето на Корона вирусот.