Трае јавната расправа по Општинскиот буџет за идната година
Се уште трае јавната расправа по Општинскиот буџет
за идната година. Во тек е учествувањето на сите граѓаните на општина Гевгелија кои можат до 20 декември, со своите идеи и предлози да придонесат со пополнување на анкетниот прашалник преку веб-платформата за Граѓанско учество во креирањето на Буџетот за 2021 година. Оние граѓани кои не поседуваат ИТ-уреди, своите предлози можат да ги достават писмено во Архивата на Општина Гевгелија. Досега, пристигнати се околу 100-тина предлози и идеи, од кои најголем дел од нив се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура и, тоа, на асфалтирање и бетонирање на улици и краци во населените места.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, оствари работна средба со Месните заедници од општина Гевгелија, како дел од низата активности за креирање на Буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година. На состанокот, претседателите на Месните заедници ги истакнаа евидентираните потреби на жителите во населените места што се однесуваат на развојот и подобрување на условите од која било област во надлежноста на локалната самоуправа. Сите предлози и идеи беа детектирани, а од страна на Одделението за финансии ќе се предвидат средства за нивно реализирање во програмите на Предлог-Буџетот за 2021 година. Изготвениот Предлог- Буџет ќе се разгледува на последната седница на Советот на Општина Гевгелија, на крајот од декември.