„Ноел“ ќе донира амбулантско возило на Општата болница во Гевгелија
Гевгелиската компанија „НОЕЛ“ ќе им подари
ново, амбулантско возило на Општата болница и граѓаните на општина Гевгелија. Вработените и менаџментот на оваа компанија оценија дека новонабавеното возило „Фолксваген“ за сопствени потреби, во моментот, во услови на пандемијата со КОВИД-19, е многу подобро да се користи како амбулантско возило за здравствениот систем и за граѓаните. Затоа и одлучија возилото да го донираат на Општата болница, по неговото целосно преадаптирање, под мотото - „Нека им помага на сите“. Притоа, нагласувајќи дека е најдобро возилото да се користи поретко.
Возилото веќе се преадаптира во специјален сервис за амбулантски возила и ќе располага со најсовремени медицински уреди предвидени за едно амбулантско возило. Се очекува преадаптацијата да заврши до средината на јануари идната година кога и амбулантското возило ќе и биде предадено на Општата болница. Според директорот на болницата, д-р Митко Крџев, станува збор за значајна донација, посебно, во услови на зголемен број пациенти од КОВИД-19 кога збогатувањето на возниот парк на болницата е добредојдено. Притоа, упатува благодарност до компанијата „НОЕЛ“ која уште еднаш ја потврдува својата општествена одговорност.