За Нова година во Гевгелија мирно, без интервенции
Податоците на надлежните органи за мирот и јавниот ред
во Општина Гевгелија за новогодишната ноќ покажуваат дека прославувањето поминало мирно, без проблеми.
Како што извести командирот на ПС- Гевгелија, Миле Ангелков, немало интервенции и постапувања бидејќи граѓаните на општината ја прославиле Новата година без сторени кривични дела, најдоследно почитувајќи ги укажувањата на Министерството за здравство и Општинскиот штаб за заштита и спасување- Гевгелија. Службите на ПС- Гевгелија, за новогодишната ноќ спровеле акциска контрола за безбедноста на патниот сообраќај, каде што не се констатирани прекршоци, што значи дека гевгеличани доследно ги почитувале одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и покажале висок степенот на безбедносна култура.
Што се однесува на медицинските интервенции, според билтенот на Итната медицинска помош во Гевгелија, во текот на ноќта биле извршени неколку прегледи во објектот на Итната медицинска помош, но ниту еден од пациентите кои побарале здравствена услуга, не завршил во некое од одделенијата на гевгелиската болница. Во болнички услови, новогодишната ноќ ја поминале 12 хоспитализирани КОВИД-пациенти.
Оттука произлегува заклучокот дека овогодинешното прославување на Новата година е најмирно досега што беше и очекувано со оглед на епидемиолошката слика во општината.