Министерот Оливер Спасовски во посета на Гевгелија: Ги подобруваме условите за работа на полицијата
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски
денеска престојуваше во Гевгелија, при што изврши увид во условите за работа на полициските службеници во новореконструираниот објект на ОВР Гевгелија. По предадениот рапорт од страна на командирот на ПС од ОН-Гевгелија Миле Ангелков, министерот Спасовски изврши обиколка на реновираните простории на ОВР-Гевгелија, чија вредност изнесува 12 милиони денари. Притоа, Спасовски изјави:
– Објектот беше во доста амортизирана и оштетена состојба, што беше делумна пречка во професионално извршување на работните задачи и активности на вработените, а во архивските записи со кои располагаме немавме податок за последното реновирање. Градежните работи ги започнавме на 14 октомври минатата година, а веќе на 30 декември, во многу краток временски период, независно од временските услови и пандемијата од Ковид-19, изведбените работи беа завршени. Непосредната комуникација и увидот во работењето, но и во материјално техничките капацитети на сите организациони единици при МВР е важна и неопходна практика што денес ја реализираме и овде во Одделението за внатрешни работи Гевгелија.
Токму во таа насока министерот Спасовски нагласи дека не можеме да претендираме на позитивни резултати во работата, на ефикасност и успешност доколку полицијата, полициските службеници своето секојдневно работење го минуваат во субстандардни услови. Оттаму, сосема е разбирливо што денес во ОВР Гевгелија имаме можност, покрај другото, да направиме увид и во условите за работа на полициските службеници, особено сега кога, како што гледаме, веќе е завршена претходно најавената санација и реконструкција на објектот на Одделението за внатрешни работи Гевгелија, проект вреден околу 12.000.000 денари, пари обезбедени од наши средства, од буџетот на Министерството. Проектот е реализиран во рамки на концептот што го промовиравме и во континуитет го реализираме уште од 2017 година – за подобрување на материјалните, инфраструктурни и технички потенцијали на полициските организациони единици, на полициските службеници, рече Оливер Спасовски. Истовремено, потенцираше дека во наредниот период продолжуваме со несмален интензитет и тоа во СВР Куманово, каде ќе се изврши комплетна реконструкција и обнова на постоечките објекти каде што е сместено СВР Куманово, комплетна реконструкција и санација на објектот на ПС Ресен и ПО Ростуше.
Притоа министерот Спасовски заклучи дека – остануваме посветени заедно со раководството на Македонскиот полициски синдикат и наш заеднички императив ќе бидат започнатите реформските процеси во безбедносниот сегмент, постојаното унапредување и подобрување на професионалните, социјалните, техничките услови за работа на полициските службеници на тој начин што во секој нов објект синдикатот ќе учествува со опрема или средства потребни во секојдневното работење на полициските службеници, за што сме убедени дека значително ке се унапреди ефикасноста и квалитетот на полициското работење. Според него, многу е важно да има добра соработка помеѓу Синдикатот и раководството на МВР, таа да биде на принципиелни основи, да биде партнерски и секогаш кога има проблеми да се решаваат преку дијалог, но и заедно да покажат дека им значи подобрувањето на условите на полициските службеници.
За време на посетата на Гевгелија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски имаше работен состанок со раководството на ОВР-Гевгелија, кое го информираше за безбедносната состојба во Општина Гевгелија. Министерот Спасовски оствари средба и со градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков, притоа нагласувајќи дека Министерството ќе остане посветено на јакнење на соработката и со локалната самоуправа и градоначалникот со цел, како што рече, безбедноста на Гевгелија на биде на едно повисоко ниво. Тој посочи меѓу другото дека и сега има навистина добри и задоволителни резултати на подрачјето на ОВР Гевгелија.