Епидемиолошката состојба во општина Гевгелија поволна, продолжуваат да важат мерките за заштита од КОВИД-19
Општинскиот штаб за заштита и спасување – Гевгелија
на денешната седница констатира дека епидемиолошката состојба во Општина Гевгелија е поволна. Бројот на новозаболените од КOВИД-19 е во драстично опаѓање, додека значително е зголемен бројот на оздравени пациенти. Според информациите од Општата болница и Центарот за јавно здравје – ПЕ Гевгелија, преполовен е и бројот на пациентите на дневен и хоспитализиран третман.
Доколку до неодамна во Дневниот КОВИД-центар имало и по 50-60 пациенти на дневен третман, а на хоспитализиран третман 18 пациенти, во текот на денешниот ден во Дневниот КОВИД-центар на дневен третман имало само 10 пациенти. Додека на хоспитализираниот дел на Интерното одделение во Општата болница кое располага со 22 легла, има само 9 пациенти од КOВИД- 19.
Општинскиот штаб очекува ваквата тенденција да продолжи, се разбира, со почитување на заштитните мерки од страна на граѓаните и сите правни субјекти. Особено, во пресрет на претстојните верски и традиционални празници.
Врз основа на информациите на ОВР- Гевгелија и Државниот пазарен инспекторат- ПЕ Гевгелија, Општинскиот штаб констатира дека за време на новогодишните и божиќните празници не се забележани, а и немало пријави за групни прослави и собирања. Тоа несомнено зборува дека поголемиот дел од граѓаните одговорно се однесувале кон препораките имерките на Владата на РСМ и Општинскиот штаб за заштита и спасување.
Според информациите од Гевгелиското Архиериско намесништво, манифестацијата по повод Водици, со фрлање на крст во реката Вардар, согласно насоките од МПЦ, годинава се одлага поради пандемијата, како и водосветот по домаќинствата. Празникот ќе биде одбележан со редовните црковни боголужби на Водици, согласно протоколите и заштитните мерки.
И покрај тоа, Општинскиот штаб им препорачува на граѓаните, правните субјекти и верски заедници доследно да ги применуваат мерките со кои се забранува организирање и одржување на прослави на јавни места и површини по повод верските и традиционалните празници.
Истовремено, останува да важи забраната за палењето на малски огнови по повод Сурва.
Општинскиот штаб апелираше до сите надлежни државни и општински органи да продолжат со контролата околу примената на новите мерки за забрана на прослави, ограниченото работно време на угостителските објекти до 18 часот, како и другите мерки и препораки за заштита од Корона вирусот.
Пред почетокот на второто полугодие од учебната година, во сите основни училишта, каде што се врши настава со физичко присуство на учениците, но и во училиштата, каде што наставата се одвива онлајн и со присуство на наставниците, е побарано да се изврши дезинфекција на просториите.