И покрај пандемијата- културниот живот не замре
И покрај пандемијата од КОВИД-19,
која се појави во текот на месец март, во Општина Гевгелија не изостана културниот живот. Пред се, благодарение на културните институции кои реализираа над 50-тина настани: од музичката, литературната, ликовната, филмската и театарската дејност, секако, со почитување на мерките за заштита од КОВИД-19. Повеќето од културните настани беа прикажувани онлајн, со емитување на социјалните мрежи.
Најголем број од културните настани беа организирани од Домот на културата „Македонија“- Гевгелија, од сопствената репродукција или како резултат на соработката со културните институции ширум државата. Во текот на 2020 година, во организација на Домот, од театарската дејност се прикажуваа театарските претстави „Жени“ во продукција на „Интимен театар“ од Битола, „Како да се ограби банка“ – претстава од сопствената продукција која ја доживеа својата 4 изведба во Гевгелија, „Таа“ од театарскиот репертоар на НУКЦ „Антон Панов“- Струмица и „Ноќ во музејот“- во продукција на „Иван Мазов- Климе“- Кавадарци.
Програмата на Домот на културата „Македонија“- Гевгелија се збогати и со културни манифестации од музичко-ликовен карактер како: традиционалното одбележување на Спасовден- заштитникот на градот Гевгелија со тридневна програма, во која учестуваа гевгелиски музички групи со целовечерни концерти: дуото „Ангови“, „Панта реи“ и „Леге артист“, а беше отворена и ликовна колонија на која учествуваа гевгелиските уметници, „Онлајн изложба на традиционални балкански носии“, „Нацртај приказна, отсликај насмевка“, „Концерт на Глигор Гелебешев и Александра Коцевска“, „Концерт на традиционална и чалгиска музика- АТМИ „Митко Алексов- Кочани“, „Изложба на фотографии од икони и фрески од манастирот Бигорски“, ликовна работилница и кампања против зависноста на децата од прекумерното користење на паметните уреди“, „Концерт на чалгиска музика на ансамбал „Чалгија“- Гевгелија и етнолошка поставка на 4 комплетни носии“ и Концерт по повод 250 години од раѓањето на Бетовен“. Се прикажуваа и филмовите „Медена земја“ и „Дедо и внук“.
Во културниот историјат за 2020 година на Пионерски дом- Гевгелија се запишаа ликовните изложби на гевгелиските талентирани дечиња кои се дел од Ликовната работилница под менторство на м-р Мирјана Крстева Массетти. Така, се одржаа: „Годишна изложба“, „Човекот како битие- самостојна изложба на Теодора Ставрова“ и „Новогодишна изложба“. Како и изложбa во соработка со самостоeн ликовен уметник од државава: „Фенис 3- изложба на скулптури од Марјан Стојаноски“. Во издаваштво на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија излезе од печат поетската збирка „Метрички карван- Гевгелија- Штип“. Библиотеката, во текот на 2020 година, ги организираше и „Поетска средба на роднокрајни автори“ и литературната манифестација „Месец на книгата“.
Секако, не изостанаа и одржувањата на традиционалните манифестации кои се белег на Гевгелија како „Смоквијада“ во организација на ЗГ „Тера“ и „Бош 12“ во организација на ЗЛУКТ„Арт еквилибриум“. Овие две манифестации кои се поддржани од Општина Гевгелија, минатата година, се организираа според новонаметнаните правила за организирање културни манифестации. ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија ги реализираше традиционалните завршни концерти и јавни часови, на кои учествуваа гевгелиски ученици од сите класи, а во соработка со Сојузот на музичките уметници на Македонија, во Гевгелија беше одржан концерт на Љубиша Кировски, професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и водач на гудачкиот квартет „Гајдов“.
2020 година заврши со самостојната ликовна изложба на скулптури од Дамјан Ѓуров, насловена како „Лунарно-Соларно, Камено-Метално, Клин“, која беше поставена во Народниот театар- Гевгелија.