Интензивирани активностите околу Стратегијата за одржлив развој на општина Гевгелија 2021-2025
Процесот на изработка на Стратегија
за одржлив развој на општина Гевгелија, за периодот 2021 – 2025 година започна во минатата година, но поради пандемијата и неможноста да се одржат предвидените работилница, процесот беше одложен .И покрај одложувањето на целиот процес, изработката на овој стратешки развоен документ е од врвен приоритет на општината, нагласуваат во Општина Гевгелија која го организира процесот на изработка на стратегијата, а го координира Фондацијата за локален економски развој и ИТ. Поточно, истиот претставува инклузивен и интерактивен процес, односно вклучува што повеќе засегнати страни.
Економската криза која несомнено надоаѓа поради пандемијата, може да биде подобро управувана доколку има усогласени развојни приоритети, разработени кризни планови и јасна визија за тоа во каква општина сакаме да живееме. Локалниот развој е комплексен и повеќедимензионален процес и има преплетување на економските ,демографските, просторните, социјалните, културни и други аспекти на развојот. Од таа причина, успешното спроведување на политиката за локален развој е директно зависна од поширокото разбирање на концептот, ефикасното поврзување на политиката на регионалниот развој со секторските политики на локално ниво и обезбедувањето на потребната поддршка од страна на релевантните институции на национално, регионално и локално ниво.
За изработка на стратегијата на почетокот од 2021 година активностите продолжуваат и се интензивираат. Имено, за потребите на стратегијата, ФЛОРИТ – Гевгелија, во 2020 година, во најголем дел ги направи секторските анализи, но одредени податоци секако ќе треба да бидат дополнети. Во стратегијата ќе бидат земени предвид и резултатите од завршната евалвација на Стратегијата за регионален развој 2009-2019 и на програмите за развој на планските региони изработена од Европскиот центар за мир и развој (ЕЦМР), Универзитет за мир основан од Обединетите Нации од мај, 2020 година. Исто така, обезбедена е целосна координација и согласност со новата Стратегија за рамномерен регионален развој на Република Северна Македонија 2020 – 2030 која се изработи во периодот јуни - октомври, а сега е во фаза на усвојување.