Зголемен комуналниот надомест
Советот на Општина Гевгелија, на денешната 57 седница,
расправаше по повеќе прашања и донесе повеќе одлуки и решенија. Советот на Општината на денешната седница изврши измени и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Гевгелија во 2021 година, со која е зголемен надоместот за уредување на градежното земјиште. Така, комуналниот надомест за станбени објекти во индивидуално домување е зголемен од 1500 на 1800 денари за метар квадратен, односно на 900 денари во населените места, додека во простор вон населено место ќе изнесува 3.600 денари. Комуналниот надомест за станбени објекти за колективно домување ќе изнесува 2.250 денари за метар квадратен, односно 1.125 во населените места и 4500 денари за простор надвор од населените места, за кои се уште нема урбанистички планови. Комуналниот надомест за изградба на деловни и јавни објекти во Гевгелија ќе изнесува 3.000 денари за метар квадратен, во населените места 1.500 денари, а на простор вон населено место 6.000 денари за метар квадратен.
- Зголемувањето на комуналниот надомест се прави од причина што досегашните износи ниту оддалеку не ги покриваа трошоците за уредување на градежно земјиште, наспроти обврската на Општините да не можат да продаваат државно градежно земјиште без претходно уредување на истото со комунална инфраструктура. Комуналниот надомест во Општина Гевгелија не е променет 20 години, така што Општината се вбројува меѓу општините со најнизок износ на комуналниот надомест во земјата. Зголемувањето е во просек за околу 26%, меѓутоа, како ставка во вкупните трошоци за изградба на објекти нема битно да влијае на зголемување на градежната вредност на објектите, односно зголемувањето ќе биде минимално, се наведува во образложението на Одлуката на предлагачот – Градоначалникот на Општина Гевгелија.
Примената на Одлуката за зголемување на комуналниот надомест, како што заклучи Советот на Општината, ќе важи од 1 март, 2021 година, за започнати постапки за издавање на одобрение за градба со потврда за одобрен проект во системот за е-одобрение.