Комуналните такси остануваат намалени и до крајот на оваа година
Советот на Општина Гевгелија, на денешната седница,
ја продолжи важноста на Одлуката за намалување на комуналните такси за називот на фирмата, како дел од Општинскиот пакет-мерки за ублажување на последиците од Корона вирусот. Имено, минатата година, на 28 мај, 2020 година, Советот на Општината ги намали комуналната такса за називот на фирма на деловни простории за физички лица кои вршат дејност од 2.000 денари на 1.300 денари, комуналната такса за називот на фирма на деловни простории на физичките лица кои вршат дејност, а данокот го плаќаат во паушален износ, од 500 на 350 денари, комунална такса за називот на фирма на деловните простории на трговските друштва и други правни лица од областа на производството, прометот и услугите, од досегашните 6.000 денари беше намалена на 4.000 денари.
Исто така, Советот на Општина Гевгелија одлучи таксата за користење на просторот пред деловните простории за вршење на дејност да се намали од 7 на 5 денари од метар квадратен на ден. Одлуката за намалените комунални такси важеше до крајот на минатата година. Имајќи предвид дека пандемијата со КОВИД-19 се уште трае, Советот на Општина Гевгелија на денешната 57 седница одлучи важноста на оваа одлука да ја продолжи до 31 декември, 2021 година. Тоа значи дека до крајот на оваа година правните субјекти и натаму ќе плаќаат намалени комунални такси заради намалување на последиците од пандемијата.