OOУ „Климент Охридски“- Миравци и СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, добитници на грант за реализирање активности од областа на МИО
OOУ „Климент Охридски“- Миравци и СОУ „Јосиф Јосифовски“-
Гевгелија се добитници на грант во вредност од 30.000 денари откако аплицираа на јавниот повик на Министерството за образование и наука на РСМ за реализација на активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција во основните и средните училишта за учебната 2020/2021 година. Од 70 основни училишта ширум државата- добитници на грант, ООУ „Климент Охридски со доделените средства ќе спроведува активности во партнерство со ООУ „Прпарими“, с. Чегране од Гостивар, каде наставата се изведува на албански јазик. Додека, од 24 средни училишта СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија е добитник на грант, со кој ќе реализира активности во партнерство со СУГС „Арсениј Јовков“- Скопје, каде наставата се реализира на македонски и албански јазик.
Основната цел на овие грантови е промовирање на добрите практики за активности, во кои се негуваат хармонични односи, темелени на почитување на разликите и притоа градејќи едно мултиетничко и мултикултурно општество, со што се овозможува градење на современи, успешни и ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима и конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент.