Советот на Општина Гевгелија на 57 седница донесе повеќе одлуки и решенија
Советот на Општина Гевгелија, на 57 седница,
со мнозинство гласови ja продолжи важноста на донесената одлука од минатата година со важност до 31 декември, 2021 година, како дел од Општинскиот пакет-мерки за ублажување на последиците од Корона вирусот, за намалување на комуналните такси за називот на фирма на деловни простории на физички лица кои вршат дејност, на трговските друштва и другите правни лица од областа на производството, прометот и услугите и таксата за користење на просторот пред деловните простории за вршење на дејност.
На седницата беше донесена одлука за измени и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Гевгелија во 2021 година, со која се зголеми надоместот за уредување на градежното земјиште.
Членовите на Советот ги донесоа Програмите за работа за 2021 година во областа на: располагањето со градежното земјиште во сопственост на РСМ на подрачјето на општина Гевгелија, за изработка на урбанистички планови, за одржување на јавното осветлување, за активностите од областа на заштитата и спасувањето со кризи и за поставување урбана опрема. Советот одлучи за потребите на имплементација на проектот „Одржливо управување на прекуграничните водни ресурси“ (АКВА М2) да се изврши позајмица од Општинскиот буџет во вредност од 60.000 денари кои ќе бидат вратени од наменската сметка на проектот на сметката на Буџетот на Општина Гевгелија по имплементацијата на проектот и контролата на надлежните органи.
Советот беше информиран и за пристигнатите барања за слободен пристап до информации од јавен карактер во Општина Гевгелија за 2020 година. На оваа седница беа усвоени и Финансовите планови на основните училишта во општина Гевгелија, културните институции, разрешени и именувани членови на Управните одбори во основните училишта во Негорци, Миравци, Гевгелија и музичкото училиште, а се даде и согласност на Програмата за работни активности на ЈПКД „Комуналец“ за 2021 година