Одржана јавната трибина: „Развојот на социјалните услуги на ниво на општина Гевгелија“
Денеска, беше одржана јавната трибина на тема:
„Развој на социјалните услуги на ниво на општина Гевгелија“, во организација на Општина Гевгелија, а во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија- Општинска организација Струмица, на која беа презентирани можностите за развој на социјалните услуги, поточно услугата лична асистенција и помош и нега во домот за лицата со попреченост. На јавната трибина присустуваа: градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, градоначалниците на општините Дојран и Богданци, претстедателот на Советот на Општина Гевгелија и членови на Советот, претставници на ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи- Гевгелија, претставници на Црвен крст на Република Северна Македонија, претставници на невладини организации, здруженија и останати локални институции.
Претседателот на Советот на Општина Гевгелија, Тодор Ристов, во неговото обраќање истакна дека приоритет на локалната самоуправа е водењето грижа и преземањето конкретните активности во обезбедувањето на социјалната заштита на граѓаните, односно градењето локална мрежа од социјални услуги, креирани според специфичните потреби на граѓаните.
Директорката на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа, Васка Илиева, ги презентираше Програмите за лична асистенција и помош и нега во домот и можностите за користење на средствата за развој на услугите преку Министерството за труд и социјална политика. Раководителот на Секторот за програми, проектно работење и мобилизирање на фондови при Црвен крст на РСМ, Јасмина Кузмановска, истакна дека преку Министерството за труд и социјална политика се лиценцирана организација за вршење на обуки за давање на услуги за персонална асистенција и новата воведена услуга помош и нега во домот, за кои се врши обука за негуватели во Регионалниот центар во Црвен крст-ОО Струмица. Нагласувајќи дека за набргу време ваков центар за издавање лиценци за лични асистенти и негуватели ќе се отвори и во општина Гевгелија.
Почесни гости на трибината беа и корисници на услугата лична асистенција: Фанка Динова од Миравци, првото деинстутализирано лице од Заводот „Бања Банско“; Дивна Танева, член на Здружението за лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ и Горан Мицев, член на Здружението на слепи лица од Струмица, кои го разменија позитивното искуство од користењето на услугата лична асистенција. На крајот од трибината, градоначалникот на општината, Сашо Поцков, истакна дека Општината секогаш ќе биде отворена за соработка како логистика на ваквите трибини затоа што ваквите теми кои носат бенефити заслужуваат да допрат до граѓаните.
Целта на оваа трибина беше јавноста да биде со запознаена со новите услуги кои се нудат според Законот за социјална заштита и тоа лична асистенција и помош и нега во домот и да се информираат граѓаните, поточно лицата кои користат услуги дека нема да го изгубат правото на попреченост, а со средствата кои се обезбедени од Буџетот МТСП невработени лица да ги вршат услугите како негуватели или лични асистенти по решение кое го издава Центарот за социјална работа, по претходно стекната лиценца за овластен личен асистент или негувател.